Opera Coast е интернет прелистувач кој што минатата година беше претставен во верзија направена за iPad уредите, а сега е достапен и за корисниците на iPhone. Карактеристично за Opera, прелистувачот се базира на познатиот Speed Dial кој што е поставен на главниот екран, а може да се додаваат до 3 страни.
Она што го прави Coast различен од другите прелистувачи е неговата едноставност. Тој нема лента за внесување на адреси, нема копчиња и менија, а целото сурфање се одвива преку неколку едноставни гестови. На главниот екран се поставени неколку познати веб страни, како YouTube, Gmail и слични, а со сурфањето вие ги поставувате вашите најчесто посетувани страни. Со притискање на некоја од веб страните, истата се отвора, а назад на главниот екран можете да се вратите со притискање на home копчето кое што е поставено на долниот дел од екранот.
Може да се каже дека прелистувачот е направен да наликува на вашиот iOS уред, неговиот начин на работа, само наменет за вашите веб страни и сурфањето. Додека сурфате на некоја страна, нема ништо што би ви го одвлекувало вниманието. Дури и враќањето назад, односно back функцијата ја правите со повлекување со прстот, поради немањето на копчиња на корисничкиот интерфејс. Доколку сакате да отворите нова страна, тоа го правите преку делот за пребарување до кој што се пристапува со повлекување надоле од горниот дел. Додека го внесувате името на страната, Coast ви дава предлози, па најчесто нема да мора да ја внесете целата адреса. Се разбира преку овој дел можете да правите и стандардно пребарување. Исто така сликите кои што ги има на веб страните кои што ги отворате, можете да ги зачувате и поставите како позадина на апликацијата.
Opera Coast нуди целосно различно искуство од другите прелистувачи кои што гледаат да воведат што повеќе функции за корисникот. Доколку сметате дека едноставно решение е она што ви треба, симнете ја апликацијата преку продавницата за апликации или преку следниот лник.