Twitter издадоа нова верзија од своите iOS и Android апликации, а одредени промени се направени и на TweetDeck за web, Google Chrome и PC. Новата верзија на апликациите носи нов дизајн кој што е во стилот на повлекување на екранот (swipe) лево и десно со што добивате пристап до одредени делови на апликацијата. Изгледот на самата апликација е освежен и се користи светло сината боја, наместо црната и сината во претходните верзии. Со повлекување, односно swipe покрај вашата листа со новости, можете да ги видите и Discover листата, популарни твитови и листата на активности.
Ново на iOS е можноста за добивање на нотификации внатре во апликацијата, односно додека ја користите, за нови директни пораки, кога некој ќе одговори или ќе направи retweet на вашите твитови. Исто така на Twitter за Android воведена е можноста да добивате нотификации од конкретни корисници преку притискање на ѕвездата на нивниот профил.
Најважната промена воведена во новата верзија од апликациите е можноста за споделување и гледање на слики преку директните пораки. Исто така додадено е копче за директните пораки на Home екранот, па веќе не мора да одите на вашиот профил за да ги видите пораките. Со ова дадено е многу поголемо значење на пораките, нешто што очигледно до Twitter сакаат почесто да го користите.
Новата верзија на Twitter е достапна во App Store и Play Store.