Излегувањето на нова верзија од некоја апликација, можеби е поинтересно за корисниците на Windows Phone платформата. Тоа е така затоа што апликациите кои што ги има на оваа платформа, со одредени исклучоци, во главно се послаби во споредба со нивните верзии на другите платформи. Апликациите на Windows Phone често вклучуваат поедноставен дизајн, кој што иако тоа е и концептот на системот, знае да биде до тоа ниво едноставен што се губи неговата привлечност. Исто така, не ретко е случајот со апликациите на оваа платформа да не ги вклучуваат сите функции и можности достапни на истата апликација на другите платформи.
За Viber може да се каже дека сепак е во групата на исклучоци, па апликацијата достапна за корисниците на Windows Phone не заостанува многу зад другите платформи. Сепак оваа апликација не го вклучува новиот дизајн стил достапен на другите платформи, а исто така апликацијата работи прилично бавно, барем при нејзиното вклучување.
Денеска достапна е нова верзија од Viber за Windows Phone која што го носи бројот 4.3. Како што може да се види од верзијата, не се работи за целосно нова апликација, меѓутоа вклучува одредени нови работи што ја прави поблиску до верзиите на останатите платформи. Недостатокот на одредени функции сепак останува, но тоа ќе биде случајот со повеќето апликации до зголемување на популарноста на платформата, ако тоа некогаш биде случајот доволно.
Она што веднаш се забележува кај Viber 4.3 е брзината на стартување на апликацијата. Истата веќе не е бавна како што беше и според мене сега влегува во границата на задоволителна брзина на стартување на една апликација. Исто така дизајнот на корисничкиот интерфејс е освежен, па ги вклучува некој од новите елементи достапни кај другите платформи.
Официјалната листа на промени на новата верзија ги вклучува следните работи:
- Нов и подобрен дизајн
- Подобрено прикажување на сликите во разговорите
- Подобрување на перформансите
Оваа верзија од Viber е достапна за корисниците на Windows Phone 8 и 8.1 и можете да ја надградите или симнете преку продавницата за апликации или преку следниот линк.