223px-Internet_Explorer_10_logo.svg

За можноста Microsoft да претстави прелистувач кој што ќе ги има сите функции достапни кај конкурентите, како на пример поддршка за додатоци, нов и поедноставен кориснички интерфејс и слично, веќе можевме да прочитаме. Информациите говореа дека за наредната верзија од нивниот оперативен систем, Windows 10, ќе биде спремна нова 12-та верзија од Internet Explorer и истата ќе ги содржи сите овие нови функции и подобрувања.

Меѓутоа, според изворите на Mary Jo Foley од ZDNet, сите овие нови функции ќе бидат претставени во целосно нов прелистувач кој што моментално го носи развојното име Spartan. Овој прелистувач ќе биде посебно достапен за корисниците, додека Internet Explorer 11 ќе биде достапен за корисниците кои што им е потребен во нивната работа со постари веб страни.

Spartan, за кој што нема информации како би бил наречен, ќе продолжи да ја користи истата технологија која што се користи во IE, односно Trident технологијата за рендерирање на страните, како и Chakra JavaScript.

Повеќе информации околу новостите во Windows 10, а со тоа и можноста за нов прелистувач или унапреден IE, се очекуваат на настанот кој што е закажан на 21 Јануари. Сепак, според изворите на ZDNet, Spartan се’ уште не е во доволно развиена фаза за да биде дел од бета верзиите од Windows 10, па доколку навистина постои, може да се очекува подоцна.

Microsoft веќе одамна има проблем со популарноста на нивниот прелистувач, иако истиот уште држи доста голем дел од пазарот. Тој во главно се користи од компаниите кои што имаат апликации кои што работат преку IE, како и постари корисници кои што се имаат навикнато на него и немаат потреба од инсталирање на нов.

Претставувањето на нов прелистувач веќе се споменува, заедно со промената на името на Internet Explorer, како можна стратегија на компанијата да ја зголеми популарноста кај модерните корисници.

Извор: ZDNet

Претходна статијаСлика од прстите е доволна за рекреирање на вашите отпечатоци
Следна статијаНајдоброто од Смартпортал во 2014
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.