Не ни е јасно зошто Microsoft се откажа од развојот на Copilot како дигитален асистент за Windows 11, па отиде во правец да генеративната вештачка интелигенција биде достапна само како апликација.
Уште почудно е што апликацијата која ја направи е само веб верзијата од Copilot, „завиткана“ како апликација, па во основа корисниците можат и самите да ја отвораат страната или да ја зачуваат на долната лента.
Како и да е, изгледа дека ова ќе се промени, па во тест верзиите од Windows 11 Microsoft почна да пушта нова Copilot апликација која е направена како изворна апликација.
Функциите на истата остануваат исти, но барем апликацијата сега ќе функционира доста побрзо, а и ќе изгледа соодветно за оперативниот систем.
Од компанијата пуштија и апликација од Copilot за macOS, па корисниците сега имаат доста голем избор кога се во прашање ваквите сервиси.