brave_logo_big2

Брендан Ајк е човекот којшто стои зад развојот на JavaScript програмскиот јазик, а можеби за некого повеќе познат како коосновач на Mozilla и кратко време главен директор на организацијата.

После контроверзии поврзани со одредени негови изјави, минатата година тој реши да даде оставка од позицијата во Mozilla по што продолжи сам да работи на негови проекти.

Оваа недела го гледаме првиот резултат од неговата нова работа, а тоа е, што ако не, интернет прелистувач.

Прелистувачот е наречен Brave и е развиен од неговиот нов стартап Brave Software. Главната карактеристика на овој прелистувач е што ќе дојде со вграден систем за блокирање на рекламите.

Од компанијата истакнуваат дека користејќи го овој прелистувач корисниците треба да очекуваат значително поголеми брзини на отворање на страните, а и заштита на нивната приватност.

Brave ги блокира рекламите, но и се што е поврзано со нив, како на пример tracking cookies коишто ги следат активностите на корисниците онлајн и врз основа на тоа им прикажуваат реклами.

Сепак, идејата зад Brave не е да ги остави корисниците, односно можеби повеќе огласувачите, без простор за рекламирање. Тие планираат да овозможат свој систем за реклами за којшто тврдат дека ќе биде повеќе контролиран, а и нема да ги следи активностите на корисниците, туку типот на корисник ќе го одредува според историјата на сурфање.

Приходите од реклами треба да бидат поделени според бизнис моделот којшто ќе го креираат од Brave.

Друга карактеристика на Brave е вклучувањето на функција којашто корисниците сега можат да ја добијат преку HTTPS Everywhere додатокот. Секое отворање на веб страна којашто има и https верзија, ќе биде автоматски пренасочено кон таа верзија.

Инаку, Brave е развиен на основа на Chromium за десктоп верзијата и е соодветно со отворен код. Моментално обичните корисници не може да го пробаат прелистувачот, но може да се регистрираат на листата за чекање на првата вета верзија.

Прелистувачот ќе биде дотапен на Windows, OS X од десктоп системите, како и на Android и iOS.

Извор: Brave, ArsTechnica, VB, Cnet

Претходна статијаSkype за Android со неколку нови можности
Следна статијаGalaxy S7 ќе има супер моќен Exynos 8890 чип и уште позаоблен Edge модел?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.