Повеќето од корисниците на прелистувачот од Google, Chrome, сте запознаени со апликациите што можете да ги користите, покрај стандардните екстензии (extensions) или Add-ons како што се наречени во Firefox. Тоа се веб апликации што можете да ги инсталирате и да ги користите без никакви додатни инсталации директно од Chrome.
На пет годишнината од претставувањето на Chrome, Google изврши унапредување на апликациите. Сега тие функционираат како посебни десктоп апликации, како и било која друга апликација што сте ја користеле во Windows. Тоа значи дека апликациите сега ќе работат и кога не сте поврзани на интернет, се поврзуваат со USB портите и Bluetooth уреди, го користат графичкиот процесор, веб камерата, хард дискот, односно тие сега ќе можат директно да работат со хардверот на компјутерот. Според тимот што работи на развој на Chrome, целта е овие апликации да бидат толку добро развиени што нема да може да направите разлика помеѓу обична десктоп апликација и Chrome апликација. Според одредени кругови на интернет заедницата, ова е веќе подолго време планирана стратегија од страна на Google да ја протурка својата платформа за апликации без да мора да користите нивни оперативен систем, односно тие работат на сите оперативни системи каде што работи Chrome прелистувачот. На почеток овие апликации ќе бидат достапни само на Windows, но за кратко време ќе бидат пуштени на Mac и Linux. Планот е понатаму апликациите да можат да работат на било која платформа каде што е инсталиран Google Chrome прелистувачот, како Android или iOS.
Еве ја официјалната листа на можности објавена на блогот на Google:
- Офлајн работа: Продолжете да работите или играте дури и кога не сте поврзани на интернет.
- Повеќе апликација, помалку Chrome: Без табови, копчиња или текст полиња значи дека ќе можете да ја користите апликацијата без притоа да ви смета остатокот од содржините на веб.
- Поврзете се во облакот: Зачувајте и пристапете до вашите документи, слики или видеа на вашиот хард диск, но и на Google Drive или друг сервис што го користите.
- Бидете во тек: Со десктоп нотификации, може да добивате потсетници, ажурирања и исто да работите со истите директно од центарот за нотификации.
- Бидете добри со вашите поврзани уреди: Користете ги вашите USB, Bluetooth и други уреди поврзани на вашиот десктоп, вклучувајќи и дигитални камери.
- Автоматска надградба: Апликациите се надградуваат во позадина и со тоа ги добивате сите најнови функции и сигурносни поправки.
- Продолжете од каде што сте застанале: Chrome ги синхронизира вашите апликации на било кој уред што го имате и можете да продолжите со започнатата работа на било кој од тие уреди.
- Спијте полесно: Chrome апликациите ги користат вградените сигурносни функции на Chrome прелистувачот, како Sandbox. Исто така тие редовно се надградуваат со што ги добивате најновите сигурносни поправки. Не е потребен додатен софтвер.
- Стартувајте апликации директно од вашиот десктоп: За побрзо и полесно да дојдете до вашите омилени апликации, Google го претставува Chrome App Launcher за Windows. Тој ќе се појави на Taskbar-от кога ќе ја инсталирате првата аплијација. Со кликање добивате посебен прозорец со икони од вашите апликации, преку кој што ќе ги стартувате истите.