PowerToys е апликација од времето на Windows 95 која била наменета да им овозможи на понапредните корисници, алатки со кои ќе можат да го унапредат нивното користење на Windows. Ова е интересна статија на која можете да видите што во тоа време се има сметано за напредно и какви можности овозможувала PowerToys.
Microsoft почна повторно да ја развива оваа апликација, сега за Windows 10, а исто така и го отвори кодот на истата и ја постави на GitHub. Тоа значи дека заедницата на програмери ќе може да придонесе за вклучување на повеќе функции во апликацијата, но и да развијат свои верзии како сакаат.
Неколку месеци од најавата ја имаме првата „preview“, односно тест верзија која може да се симне од тука. Апликацијата уште е во развој, па и не треба да се изненадите што таа не е потпишана од Microsoft, а ќе биде во иднина.
Првата достапна верзија од новата PowerToys доаѓа со две функции. Едната е едноставна и овозможува да се прикажат достапните „shortcut“ функции кои се достапни кога ќе се притисне windows копчето на тастатурата. Тие ќе се прилагодуваат соодветно на моментално отворените прозори, а корисниците ќе можат да изберат колку долго ќе треба да го држат копчето за да се прикажат можните команди.
Втората функција која доаѓа со оваа верзија од PowerToys е нешто поинтересна и корисна за тие кои често работата со повеќе прозори наместени во одредена позиција и големина. Наречена FancyZones, функцијата овозможува да се избере одреден поделба на екранот, по што кога одреден прозор ќе се донесе во соодветно избраната зона, да се намести во истата и со соодветна големина.

Можеби оваа функција најдобро ќе можете да видите што овозможува преку следното видео.