Фото: Depositphotos

Пишувањето за плановите на Apple обично е од неофицијални информации, поради фактот што стилот на компанијата е да не открива ништо пред време. Сепак, неколку извори на информации се имаат покажано прилично точни, па можеме да анализираме врз основа на нив. 

Иднината на ИТ секторот, кратко кажано, веќе е јасно дека е тесно поврзана со вештачката интелигенција, поточно генеративната ВИ и големите јазични модели. Покрај очигледните знаци, во кој правец ќе се движат одредени конкретни компании можевме да видиме и од две видеа од Microsoft, од кои јасно може да се заклучи дека Windows во иднина ќе биде претворен во еден личен асистент кој според компанијата целосно ќе го промени начинот на којшто имаме интеракција со компјутерите. 

Очекувано, Apple има нешто поразлична замисла, а тука е Марк Гурман да ни открие што можеме да очекуваме од компанијата која сѐ уште доцни на пазарот на вештачка интелигенција. Сепак, според информациите кои веќе ги објави Гурман, Apple има добар напредок во развојот на сопствените јазични модели, а тука е и можноста да се користат туѓи, па наскоро може да очекуваме неколку видови на нови производи. 

Од производите кои наводно ќе бидат претставени, може да се види замислата на Apple за иднината, па за разлика од Microsoft, од компанијата планираат многу поконкретна примена на вештачката интелигенција. 

Покрај тоа што Siri ќе стане доста поспособен асистент кој ќе има пристап до апликациите и податоците на корисникот, Apple гледа многу поголема примена на ВИ во конкретни производи, не само кај iPhone, iPad и Mac. На овие уреди Siri треба да добие редизајн, пред пуштањето на новата верзија идната година. 

Новите производи кои ги најавува Гурман, а за дел од нив веќе можевме да прочитаме, се уреди наменети за паметниот дом. Првиот уред кој го најавува Гурман е паметен екран поставен на роботизирана рака. Изгледот дури до некаде се споредува со лампата од Pixar, компанијата на Стив Џобс. 

Овој уред ќе може да го движи екранот по потреба, а се најавува и можноста корисниците да го контролираат преку својот телефон. Како „лице“ на овој уред се најавува нешто во правец на иконата од Finder на macOS.  

Поедноставна верзија од овој уред би бил само екран кој ќе може да се користи во домот, за негова контрола, за следење на одредени информации и слично. 

Интересно, Гурман најавува роботизирана рака и за продавниците и фабриките, иако засега нема повеќе информации за тоа како би изгледале и за што би се користеле овие уреди.

Посебно интересна е најавата за уред кој ќе биде поврзан со безбедноста во домот, уред кој покрај за безбедност, ќе може да се користи и за контрола на домот, како на пример исклучување на светлото во просториите каде што нема никој. 

За сите овие производи Гурман најавува нов оперативен систем наречен Charismatic, кој ќе биде еден вид на комбинација помеѓу tvOS и WatchOS. 

Сите овие производи зависат од развојот на Siri, односно во развојот на Apple Intelligence, што значи дека можат да се очекуваат од идната година, па се до 2027. 

Претходна статијаSamsung го претставува Back to School промотивниот пакет со ТВ линијата за 2025 и ексклузивен подарок – Samsung Galaxy таблет

Следна статијаСлика ја споредува дебелината помеѓу Galaxy S25 Edge и сѐ уште неофицијалниот „iPhone 17 Air“
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.