Сѐ уште нема ни најмал знак од OpenAI каков е уредот на кој работат заедно со познатиот Џони Ајв. Има неколку анализи и претпоставки, но на крајот остануваме на единствената информација која официјално е дадена, а тоа е дека уредот ќе нема екран, не е замислен да ги замени смартфоните, како и дека ќе биде „свесен“ за околината. Секако, уредот ќе функционира со помош на вештачката интелигенција. 

Информациите за работата на овој уред излегоа по купувањето на стартап компанијата на Џони Ајв од страна на OpenAI, нешто што очекувано привлече огромно внимание. Дизајнерот зад најпопуларните производи од Apple и најпознатата ВИ компанија, сигурно ќе претстават нешто што ќе го привлече вниманието на сите. 

Сепак, досегашното искуство на неколку претставени уреди со вештачка интелигенција, кои доаѓаат без екран, покажа дека ваквите уреди тешко успеваат на пазарот. Во голем дел причина за тоа е ограничувањето на корисниците да користат уред без екран, а сите функции кои ги нуди можат да бидат достапни преку сегашните смартфони. 

Според најновите информации, OpenAI и Џони Ајв се соочуваат со технички проблеми при развојот на овој уред, па можно е да дојде и до одложување на неговото претставување кое е најавено за идната година. 

Техничките проблеми се во неколку области. Едниот проблем се однесува на карактерот кој би го имал асистентот, како и начинот на којшто ќе одговара на барањата. Проблемите кои сега ги има ChatGPT треба да бидат решени пред пуштањето на новиот уред. 

Друг технички проблем се однесува на самиот хардвер, односно потребната компјутерска моќ за да можат да се опслужат сите барања кои би ги имале корисниците. 

Според сѐ уште неофицијалните информации, уредот е замислено да биде цело време вклучен и да не се активира со одреден збор, како што сега е случајот со дигиталните асистенти.

Тука веднаш може да се претпостави проблемот со приватноста кој ќе се појави, па уредот, кој е замислен да биде поставен на маса, на пример, како и да се носи со корисникот, ќе ги „слуша“ сите разговори кои ги прави корисникот. 

Дополнително, уредот ќе биде „свесен“ за околината и преку камери, а некои почнуваат да го споредуваат со понапредна верзија од сегашните паметни звучници како тие од Amazon и Google. 

Овој уред дефинитивно ќе го има главното внимание кога ќе биде претставен, па баш ме интересира што ќе испадне на крај. 

ИЗВОРArs Technica
Претходна статијаQualcomm ја купува познатата компанија Arduino
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.