После одреден период на неофицијална соработка, оваа недела беше објавено спојување на компаниите на познатиот Apple дизајнер Џони Ајв со OpenAI, односно компанијата на Сем Алтман.
Спојувањето е направено преку купување на компанијата io која Ајв ја основа минатата година заедно со уште неколку луѓе. Оваа компанија беше основана со цел да работи на развој на хардвер, нешто за кое можевме да прочитаме изминатите години, но се мислеше дека истото ќе биде под LoveFrom, дизајн компанијата на Ајв која ја основа по излегувањето од Apple.
The Wall Street Journal излегоа со информација која не упатува во правецот во кој планираат да одат Ајв и Алтман, односно што можеме да очекуваме да биде претставено.
Од тоа што можев да прочитам, OpenAI и io ќе работат на вид на уред сличен на два други кои можевме да ги видиме изминатите години и кои очекувано пропаднаа.
Ајв и Алтман нема да ја направат истата грешка на другите компании, па нивниот уред според информациите не е замислено да ги замени смартфоните, туку да биде трет уред кој корисниците ќе го носат со себе, односно ќе го поставуваат на бирото.
Нема повеќе детали за овој уред, освен тоа дека тој ќе биде мал, ќе може да се носи во џебот, нема да има екран, а нормално, ќе функционира целосно на основа на вештачка интелигенција.
Со други зборови, можеме да очекуваме некаков вид на личен асистент направен во форма на мал уред кој ќе биде свесен за околината и навиките на корисникот.
Иако се работи за огромна компанија со многу пари, баш ќе видиме зошто корисниците би сакале да додадат трет уред за нешто што би можело да функционира од нивниот смартфон.
Ова прашање беше едно од главните кога беа претставувани уредите од двете други компании, па можеби OpenAI и Џони Ајв имаат доста подобра замисла за истото.