Apple има започнато разговори со Alphabet, односно со Google, за користење на Gemini како основа за напредната верзија од Siri, која требаше да биде пуштена оваа година, но е одложена за идната.
Оваа информација ја објавува Марк Гурман, врз основа на информации од „луѓе запознаени со темата“ кои би сакале да останат анонимни поради тоа што разговорите се приватни.
Во основа, Apple ја разгледува можноста да ги користи големите јазични модели од Google за функционирање на Siri, а Google веќе развива верзија од нив која би функционирала од серверите на Apple.
Користењето на сопствените сервери, односно Private Cloud Compute, треба да овозможи ниво на приватност како да се користат сопствените модели, но сепак ова не би било баш во правец на стилот на Apple.
Според Гурман, не само што не е исклучена можноста да се користат сопствените јазични модели, ова продолжува да биде главната цел на компанијата. Другите можности се разгледуваат како споредба за која од нив би функционирала подобро.
Внатре во Apple наводно има и посебни имиња за двата правци, па тој во кој би се користеле сопствените јазични модели е наречен Linwood, додека тој во кој би се користеле моделите од друга компанија е наречен Glenwood.
Apple веќе ја има разгледувано можноста да ги користи јазичните модели од Anthropic или OpenAI, но според информациите Anthropic излегле од игра поради високата цена.
Иако Apple веќе доста доцнат на пазарот на генеративна вештачка интелигенција, од тоа што може да се види, засега не значи ништо за компанијата, но јасно е дека ќе мораат да направат нешто.
Одлуката за тоа кои јазични модели ќе се користат наводно ќе биде донесена во неделите што следат, а јавно мислам дека официјално ќе се дознае дури кога ќе биде презентирана новата верзија од Siri.
Инаку, новата верзија од Siri е истата која беше презентирана минатата година и која требаше да биде пуштена оваа. Siri треба да може да се поврзе со информациите од корисниците во апликациите, како календарот на пример, а исто така и со информациите кои во моментот се прикажани на екранот. Со тоа Siri ќе може да функционира како ВИ агент, односно да изврши одредени активности за корисникот кои се поврзани со повеќе апликации.
Факт е дека и останатите кои не доцнат на пазарот дури оваа година успеваат да ги понудат овие функции, а како што е и обично случајот, тие не се без грешки, па останува притисокот уште поголем од обично за Apple да претстави нешто што ќе функционира подобро.