ChatGPT search е новина која на сите корисници им стана достапна при крајот на минатата година. Со тоа овој „четбот“ доби пристап до интернет, кратко кажано, со што одговорите кои ги дава можат да бидат добиени од најновите информации достапни на веб страните.
Сега од компанијата информираа дека пристапот до функцијата за пребарување на интернет им станува достапен на корисниците дури и кога не се најавени на ChatGPT. Со тоа секој може да побара некаква информација на интернет, па ChatGPT станува подиректна конкуренција на интернет пребарувачите, односно на Google Search.
ChatGPT автоматски одлучува кога треба да ја користи search функцијата, а достапно е и копче преку кое корисниците можат да назначат дека прашањето кое го поставуваат сакаат да биде пребарано на интернет. Одговорите кои се добиваат имаат и извори, нешто што е секако важно кога се пребарува, а и да се провери точноста на одговорот. Вештачката интелигенција не секогаш дава точни одговори, па се препорачува за важни информации, истите да бидат проверени.
Можноста за користење на ChatGPT без сметка, односно без најавување на сервисот, стана достапна пред нешто помалку од една година, а со тоа OpenAI ја зголеми достапноста на сервисот, а може да се каже до некаде и приватноста.