Фото: OpenAI

При крајот на октомври, ChatGPT доби пристап до интернет, односно „четботот“ ја доби можноста одговорите кои ги дава да бидат на основа на најновите информации, наместо само на податоците на кои е трениран моделот и се постари. 

Со ова ChatGPT може да се каже дека станува конкуренција на стандардните интернет пребарувачи какви што се Google Search, Bing, DuckDuckGo и слични. 

При поставувањето на прашање во ChatGPT, системот сам одлучува дали е потребно вклучување на „search“ функцијата, односно дали е потребно да се пристапи до најновите информации на интернет. 

Корисниците исто така имаат можност да притиснат на „search“ копчето кое е поставено во лентата за текст и да бидат сигурни дека одговорот ќе биде направен врз основа на пребарување на интернет. 

Сега оваа функција им станува достапна на сите корисници, односно и на корисниците кои ја користат бесплатната верзија од ChatGPT. Останува условот дека корисниците мораат да бидат најавени, односно не може да се користи без сметка.

ChatGPT Search добива и унапредување од првичното пуштање на функцијата. Сега пребарувањата, односно одговорите се побрзи, а исто така добиваат и нов интерфејс за прашањата кои се повеќе класични, односно кои би биле типично поставени на Google. 

Корисниците можат да прашаат кои се добри ресторани во Скопје, па наместо само текстуален одговор карактеристичен за ChatGPT, прикажана ќе биде и листа на ресторани, краток опис, како и линк до локацијата. 

Дополнително, за ваквите пребарувања може да се притисне да се види и мапа на локациите на рестораните во овој случај. 

Видеото во продолжение ги презентира сите новини на ChatGPT Search од страна на вработени во OpenAI. 

Од компанијата изминатите недели, како дел од „12 days of OpenAI“, ја пуштија финалната верзија од OpenAI o1 јазичниот модел, како и нова претплата ChatGPT Pro која чини 200 долари месечно.

Претходна статијаОсновачот на iRobot се враќа со нова „стартап“ компанија за домашни роботи
Следна статијаСтефан Стојановиќ од карате клубот „Макпетрол“ е кандидат за млад спортист на годината
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.