На еден или друг начин, Apple идната пролет ќе ги донесе напредните можности на Siri за сите корисници, а тие како што е познато ќе бидат направени на основа на големите јазични модели.
Марк Гурман во неговиот најнов неделен билтен пишува за нова апликација која од компанијата ја имаат пуштено само за вработените, а преку која се тестираат новите способности на Siri.
Гурман го анализира почетокот на Apple Intelligence, односно презентацијата минатата година и одбивањето на Apple да развијат „четбот“, поради тоа што сметаат дека интеграцијата на вештачката интелигенција во апликациите и системот е подобра алтернатива.
Тоа дефинитивно е така и тоа ќе биде иднината на ваквите алатки, но Гурман смета дека Apple го имаат пропуштено фактот дека корисниците во оваа фаза сепак ги сакаат алатките како ChatGPT и можноста да разговараат со „четботовите“ додека истражуваат на некоја тема.
Во август можевме да прочитаме дека Apple сепак се имаат одлучено да развијат сопствен „четбот“, а засега не е точно јасно дали дефинитивно оваа алатка би била достапна како посебна апликација или интегрирана во повеќе апликации и во Siri.
Во оваа фаза, според Гурман, Apple ги тестира нивните голем јазични модели преку апликацијата Veritas, која е наменета само за вработените и не се планира јавно пуштање. Гурман смета дека од компанијата треба да ја пуштат апликацијата јавно, но не верувам дека такво нешто ќе се случи.
Друго што може да се извади како информација од најновата објава е дека Apple на крајот изгледа ќе избере да направи комбинација од нивните јазични модели и тие на Gemini, односно нема да избере помеѓу едниот или другиот правец.
Засега од компанијата не се нешто посебно погодени од доцнењето со развојот на алатките со ВИ, а тоа во голем дел е и поради достапноста на добри алатки како ChatGPT, но и претераното форсирање на овие алатки кои не се до толку корисни да ги има насекаде.
Новите iPhone 17 телефони според информациите се продаваат многу подобро од претходните години, а голем фактор за тоа е и новиот дизајнкај Pro моделите.