По информациите дека Apple веќе ја тестира понапредната верзија од Siri, сега се достапни дополнителни информации, секако сѐ уште неофицијални.
Од компанијата наводно конечно успеале да направат доволно голем напредок во развојот на сопствените големи јазични модели, па дури и Крег Федериги на вработените им кажал дека биле надминати очекувањата.
Ова би значело дека напредната верзија од Siri, која требаше да стане достапна оваа пролет, ќе работи на јазичните модели од Apple, а ќе ги овозможи сите најавени функции и можности. Тие вклучуваат можност за поврзување со информациите и податоците од корисниците, односно во апликациите и извршување на секакви видови на барања, дури и такви кои вклучуваат интеракција со повеќе апликации.
Со овој напредок повторно се враќаат најавите за поголем влез на Apple во паметниот дом, нешто што се најавуваше за оваа година исто така, но беше одложено поради проблемите со Apple Intelligence.
Марк Гурман најавува дека се планираат уреди како паметни екрани, но тука се и роботи во иднина, како и производи поврзани со безбедноста на домот.
Тоа што е интересно е што според информациите, Apple сѐ уште тестира интеграција на други јазични модели наместо нивните за напредната верзија од Siri. Во овој момент се тестира Claude од Anthropic, но од компанијата сепак ќе гледаат да ги користат нивните модели.
Проблемот со користење на туѓи модели е што Apple тогаш би зависеле од друга компанија за искуството на нивните корисници, нешто што не е баш карактеристично за нив. Исто така, со користењето на другите модели од компанијата нема да можат да ја обезбедат истата приватност како со нивните.
Уште има доста време додека дознаеме нешто официјално и кога ќе знаеме точно во кој правец ќе одат од компанијата. Грешките кои ги прави вештачката интелигенција, а и големиот број на не толку корисни функции, прави да ова доцнење сега за сега сепак не е проблем за Apple.