избори, вештачка интелигенција, робот, персонален агент, податоци

Вештачката интелигенција (ВИ) доживеа вистински бум во последните неколку години. Ова се должи на фактот дека голем дел од популацијата си обезбеди стабилен Интернет и почна да креира содржина онлајн. Лајкови на страници, слики, постови, истражување на групи, понуди, посетување профили и што ли уште не се само дел од нашето секојдневие.

Не сме сигурни колку луѓе се свесни за тоа, но секојдневно се генерираат огромни податочни множества кои платформите како Google и Facebook ги користат за да ни прикажуваат порелевантна содржина и секако, за рекламирање. Која е поентата да се биде активен и да се креира содржина на платформа која не нуди никаква вредност и прикажува глупости? Логично, нели?

Е, сега, замислете типичен ден, некаде во…2030 година да речеме (во Македонија е тешко да прогнозираме, оти стагнираме од многу аспекти, ама нека биде). Имате персонален асистент кој ви помага во подготвување на доручекот и маневрирање со електронските апарати. Го активирате телефонот и започнува да ви свири музика, токму онаква како што сакате (Spotify и YouTube се натпреваруваат кој е подобар во ова). Отворате ФБ и гледате дека се ближат претседателските избори. По стоти пат, знаеме што се случи со последните избори во Америка и скандалите со Facebook, но тоа не е тема на муабет денес. Она за кое одоколу ве подготуваме е следното: што ако на паметен агент (робот, како сакате наречете го) му дозволите да одлучува за кого ќе гласате на следните избори? Колку и да изгледа тоа неверојатно или ви делува на сценарио за епизода од Black Mirror, вистината е дека сме многу понапред отколку што мислиме и тоа може да стане наша реалност. Да или не?

Постоиме во свет проникнат од ВИ. Ако имаме персонален агент и тој е добро истрениран со податоци, тој ќе биде способен да ни дава препораки кои се далеку поточни и попресонализирани во споредба со било што кое постои во моментов. Дури и ако правиме компарација со нашите најблиски пријатели. Тука нема простор за нечиј личен интерес, нема услови некој да ве освои со харизма, нема можност некој да ве освои заради убавина или тоа како е облечен или да речеме колку платил за маркетинг. Имате чиста ситуација, му давате преференци на роботот, тој дополнително истражува онлајн, зема податоци од трети места и формира конечна слика која одлично или бар во најголем процент ви доловува каква е моменталната ситуација и кој е најдобриот избор за вас. Пример, се земаат податоци колку проекти од планираните се реализирани или кои се резултатите од анкетите спроведени од реномирани агенции. Ова би можело да се комбинира со анализа на социјални мрежи, рејтинзи и слично за на крај да се добие конечна бројка која ги сумира сите работи.

Ограничена форма на оваа замисла веќе постои и се вика isidewith. Имате квиз со 20 – 100 прашања кои треба да ги одговорите. Тука давате мислења за даноците или абортирање на пример. Засега, квизот е замислен да биде инструкциски, на ниво на разбирање за средношколци. Тој е строго аполитичен на сите начини, освен на еден: значително ја зголемува видливоста на кандидатите кои не се толку популарни, што некои дури плаќаат само за да станат опција. Неверојатно до каде може да одат работите.

Како и да е, потенцијалот за развој на интелигенцијата на машините се’ уште предизвикува страв кај луѓето. Истражувањата покажуваат дека 34 проценти од народната маса се плаши од ВИ, додека 24 проценти сметаат дека таа ќе биде штетна за општеството. GWI покажува дека 63 проценти од луѓето се грижат за тоа како нивните лични податоци ги користат компаниите.

Кои се вашите размислувања?

Би дозволиле на софтвер да одлучува за вас?

 

Претходна статијаFacebook најави уште новини – еве за што станува
Следна статијаПодкасти кои вреди да ги слушате