Филмот е посебен на повеќе начини. Буџет од 50 милиони долари, а заработи над милијарда, без ниту една сцена со експлозии и херојски акциони подвизи. Не ми доаѓа да го третирам како некој вообичаен филм од причина што воопшто не е таков.

Првото нешто што ме доби кај Џокер беше музиката. Длабоките басови те спремаат за емоционални тешкотии. Тоа, во комбинација со глумата на Феникс, ме „хукнаа“ од прва. Кога сме кај Феникс, нема што друго да се каже освен дека е актерски гениј.

Тој е од класата на тешкаши во кои се наоѓа и Даниел Деј Луис и … искрено, не ми доаѓа да наведам некој друго во нивен ранг. Леонардо Ди Каприо е тука некаде, дефинитивно беше и покојниот Филип Сејмур Хофман, но мислам дека Феникс и Деј Луис играат во сосема друга лига. Пред некое време реков дека треба да му дадат Оскар судејќи само по трејлерот. Мислам дека неговото име најверојатно веќе е изгравирано на статуетката таму некаде во Холивуд.

Генијот на Феникс е во тоа што ве тера да го сожалувате неговиот лик, дури и да навивате за него, а прави некои прилично гнасни работи. Стварно, на моменти ми беше толку многу жал за Артур Флек што ми стана незгодно. Насетуваш каде оди филмот и како завршува оваа приказна, но трогателно е да гледаш како еден човек се распаѓа емоционално и морфира во монструм поради општеството во кое живее и неговото трауматично минато.

Единственото нешто што го приметив откако го изгледав, е што не чувствував страв од Џокерот на Феникс. Без оглед на неговата феноменална изведба, не можев да го замислам како мастермајнд на подземјето на Готам. Хит Леџер на пример, го имаше токму тој ефект. Неговиот Џокер беше хаотичен и непредвидлив, и вистински штетник. Но, оваа разлика се должи на тоа што Џокер, за разлика од Мрачниот витез, се фокусира исклучиво на зачетокот на овој лик. Не можам да кажам кој од нив двајца е подобар. Тие се како две страни од иста паричка.

Едно нешто не ми е јасно. Зошто толку многу луѓе се свртеа против Џокер велејќи дека промовира насилство и дека инспирира криминал. Џокер е тежок филм, тоа е сигурно. Но, не е премногу крвав ниту насилен. Насилството во Џокер е пред се психолошко. Веројатно истите критичари имаат став и дека видео игрите поттикнуваат насилство. 

Уживав во Џокер. Филмот е освежување и доказ дека Холивуд е способен за многу повеќе од рециклирање на франшизи за суперхерои. Џокер е наменет да биде standalone филм, иако веќе се шушка за продолжение. Колку и да звучи примамливо можноста да го гледам Феникс пак во оваа улога, се надевам дека нема.

Претходна статијаВо чекор со времето: Решение на иднината за здрави зглобови на современиот потрошувач
Следна статијаОсновачот на Twitter го избра DuckDuckGo пред Google