За 1917

Вредеше да се почека. Недостасуваат вакви филмови, после Saving Private Ryan не се сеќавам воен филм кој ми оставил вака добар впечаток. Ако не си го гледал, направи го тоа што побргу

1917 е режиран од Сем Мендес (American Beauty), а кинематограф е легендарниот Роџер Дикенс (последниот Блејд Ранер). Филмот беше номиниран за Оскар за најдобар филм, а остана познат по тоа што е снимен (или личи како да е снимен) во еден кадар. Инспирацијата за да го сними филмот Мендес ја добил од својот дедо, Алфред Мендес, кој му раскажувал приказни за неговата воена служба во првата светска војна.

Едно нешто што веднаш можам да го кажам за филмов е дека ми е жал што го пропуштив во кино. Дури и на телевизор изгледаше неверојатно, а којзнае какво ќе беше искуството да се гледа на кино платно.

1917 е филмско ремек-дело. Еден од најдобрите што ги гледав годинава, можеби најдобар од не многу долгата листа на филмови што ги изгледав. На моменти ме потсеќаше на Saving Private Ryan, а тоа може да е само добро. Приказната е следна: двајца војници на британската војска добиваат мисија да отпатуваат неколку километри подалеку од нивната база (во Франција). Тие имаат задача да го известат таму стационираниот воен баталјон да го прекине планираниот напад врз германците. Влегуваат во стапица за која не се свесни дека постои. Освен тоа што 1600 војници се соочуваат со сигурна смрт, во баталјонот е и братот на еден од двајцата главни протагонисти. Времето е од огромна важност. Војниците имаат помалку од еден ден за да ја пренесат пораката. Притоа, треба да поминат низ територија која скоро била окупирана од непријателот.

Глумците вршат фантастична работа. Едниот (George MacKay) од главните двајца е анонимус, и не ми е познат, ама му предвидувам светла иднина. Одличен е во улогата. Вториот е Кралот Томен (Dean Charles Chapman) од Гејм оф Тронс. И тој е одличен во улогата. Спорадични, но значајни улоги имаат и Колин Фирт (Kingsman) и Бенедикт Камбербач (Dr. Strange).

Сепак, начинот на кој е снимен филмот е тоа што ја краде секоја сцена овде. Тоа, и тензијата што е присутна во секој момент. Војниците никогаш не се на безбедно, дури и кога е тивко наоколу. Особено тогаш. А ти ја осеќаш секоја капка тензија. Тука многу помага и музиката, која совршено го следи темпото на филмот.

Има неколку сцени што покрај тоа што се тензични, истовремено изгледаат визуелно фантастично. Не знаеш дали да се воодушевуваш на тоа што го гледаш или да си ги „ископаш“ очите од тензија.

Се на се, предобар филм, мило ми е што го гледав после толку време, а ако го гледав порано, веројатно ќе ми беше фаворит за Оскар. Недостасуваат вакви филмови, после Saving Private Ryan не се сеќавам воен филм кој ми оставил вака добар впечаток. Ако не си го гледал, направи го тоа што побргу. Пропушташ многу.

Претходна статијаСтудирај во Скопје, стекни се со британска диплома
Следна статијаSamsung најави уште еден настан за 2-ри септември