Без разлика колку сериозно го следите крипто пазарот, најверојатно сте свесни дека Биткоин изгуби некаде ~80% од вредноста/цената, односно од некаде близу 20,000$ пред една година денеска цената се движи околу 4,000$. Ако сте како мене, „портфолиото“ (ако можам така да го наречам она ситно што го поседувам) ми има изгубено едно 40% од вложеното. Нормално, ова пред се бидејќи инвестирав во момент кога цената беше релативно висока (некаде ~7,000$; да инвестирав кога веќе почнав да пишувам за крипто, некаде во 2014г., ќе бев во 10х ќар).

Сепак, што се случува?


Прво, мал disclaimer: не сум trader, ниту пак се замарам да „заработам“ од краткорочни флуктации од крипто. Мојот став е долгорочен и политички: Bitcoin е економско- слободарски проект и или ќе стане глобална валута/злато или ништо. Стратегијата ми  е едноставна – инвестирај ситно (она што можеш да го загубиш без некаков сериозен проблем врз личните финансии) и hodl додека не дојде денот да можеш да си ги користиш биткоините на Amazon, Google или Веро.

Поради ова, како што вели A. Pomp Pompliano, „цената е само еден од индикаторите за вредноста на одредено средство [особено од ваков тип: м.з.]. Иако е важен индикатор, не е најважен во однос на идната вредност.“ Со други зборови, не е важна краткорочната флуктација на цената – особено за оние кои инвестираат во крипто на долг рок.

Што е тогаш важно ако не цената?!


Цената е дефинитивно важна, но уште поважен момент се фундаментите врз кои се гради вредноста на средството. Зборуваме за технологијата и целата инфраструктура на Биткоин – дали се подобрува, стагнира или влошува, односно дали се зголемува бројот на корисници, бројот на трансакции и сл. Ова е клучното прашање.

Од регулаторен аспект, работите се позитивни, со „бебешки чекори“ во повеќето земји но и со некои крупни храбри потези од одредени држави. Пример, Министерот за финансии на Охајо објави дека државата го прифаќа биткоин како средство за плаќање даноци. На страна регулаторниот и политичкиот аспект, пред некој ден Pomp објави неколку важни индикатори за фундаментите на Биткоин. Во прилог дел од нив:

Бројот на Биткоин „новчаници“ продолжува драматично да расте во последните 2 години

Трошокот по трансакција се намалува додека бројот на трансакции расте

Позитивни се и останатите индикатори, од број на нови нодови до движењата на хаш стапката, итн.

Со други зборови, Биткоин продолжува да се развива во позитивна насока. Нека не ве плашат краткорочните флуктации на цената. Ова е маратон, не спринт на 100м.

 

Претходна статијаBrainster наполни 3 години
Следна статијаMicrosoft ќе го замени Edge со нов прелистувач направен на основа на Chromium?
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.