Бев свесен за филмов некое време пред да го гледам (нови филмови се бројат на прсти деновиве) и баш убаво се почувствував кога филмот ми ги исполни, па и надмина очекувањата.

Розамунд Пајк (Gone Girl) ја глуми Марла Грејсон, адвокат што немилосрдно ги користи дупките на правниот систем во САД за (легално) да се изживува врз стари лица и лица со некаков (психички или физички) хендикеп. Нејзината подмолност доаѓа до полн израз кога поткупува докторка за оваа да издаде сертификат дека нејзин пациент не е способен да се грижи за себеси. Односно, дека е потребна надворешна помош, која тамошните домови и психијатриски центри едвај чекаат да ја пружат. Тука стапува во игра Марла, која под превезот на „грижа за лицата што не можат да се грижат за себеси“, станува правен полномошник на овие лица и управува со нивниот имот и со нивното богатство. Гледаш накај оди приказната.

Но, евентуално Марла ја таргетира погрешната „жртва“. Таа и нејзината партнерка не сфаќаат дека со тоа што решиле да се изживуваат врз оваа личност, провоцираат некои многу моќни и насилни ликови.

Марла Грејсон е одвратен лик. Браво за луѓето што го направиле филмот, имале цел да ја изнервираат публиката покажувајќи и колку лесно можат да бидат злоупотребени некои луѓе на сосема легален начин. И тоа како успеваат во оваа цел. Не можев да ја поднесам Марла цел филм. Не сум сигурен дали некогаш сум чувствувал толку голем гнев кон имагинарен лик. А Розамунд Пајк е створена за овој лик, маестрална изведба има. Неизбежна е споредбата со нејзиниот лик во Gone Girl, каде што исто така е феноменална. Изгледа и лежат улоги на психопати/социопати. Разликата е што во овој филм, нејзиниот лик е воден од амбиција и желба за моќ.

Другиот лик што ептен добро се вклопи е тој на Питер Динклиџ, кој не ни знаев дека е во филмов, па баш пријатно ми дојде да го гледам пак Тирион на екранот. Одличен е, има еднаква доза на хумор и насилство во неговиот лик.

Приказната е интересна, глумата одлична. Филмот гази сто на саат од почеток до крај, но не е дека нема сопки по патот. Јасно е дека Марла е интелигентна и снаодлива, но при крајот има некои работи што повеќе припаѓаат во некој филм за суперхерои. Но, крајот надоместува за ова.

Супер филмче. Топло препорачувам.

Претходна статијаNokia и Orange постигнаа глобален договор за оптимизација на 5G мрежата
Следна статијаКомпанијата Samsung освои дури 71 iF награди за дизајн