Серијата можеби заврши како што заврши (многу луѓе сметаат дека финалето на Декстер е подобро во споредба), но вреди да се зборува за ова телевизиско ремек-дело уште долго време. Ако се навратиме на минатите сезони, можеме да најдеме куп неверојатни дијалози, борби и твистови. Дел од овие моменти се дури и подобро прикажани во серијата отколку во книгите, што значи дека креаторите совршено си ја завршиле работата пред да истече материјалот на Џорџ РР Мартин (кој патем, си даде рок да ја заврши наредната книга до јули 2020).

Последната сезона можеби ги сруши очекувањата на фановите за тоа како ќе заврши оваа епска приказна. Но, нема да го сруши она што го доживеавме во првите неколку сезони. Без разлика на она што го мислиме за крајот, првите шест сезони беа најдоброто ТВ шоу искуство што некогаш сме го имале. Не можат во еден пост да се набројат сите најдобри сцени од Гејм. Такви има многу. Но, ова се некои од моите најомилени моменти кои ќе останат запамтени како game-changers во серијата.

Масакрот кај Hardhome

Петтата сезона беше послаба во споредба со првите четири, ама ни даде неколку сцени што се меѓу најдобрите во сите осум сезони. Една од нив е битката, т.е. масакрот во Hardhome. Џон има тешка задача: да ги убеди Дивјаците дека се соочуваат со најголемата закана кон нивниот опстанок, и да дојдат со него кај Ѕидот, на безбедно. Прилично обична сцена според GoT стандарди, но некаде при крајот почнува хоророт. Од никаде се спушта магла а со маглата пристигаат и мртвите. Оваа сцена за прв пат ги прикажува Ноќните Сеништа и нивниот Крал во полна сила. Во мајсторска комбинација од плот и акција, откриваме и дека Валириански челик е смртоносен за мртвите (со таков нож Арја го уби Ноќниот Крал). Добивме и борба помеѓу Џон Сноу и морничавиот мртовец. Оваа сцена ни понуди возбуда, изненадување и одлична акција. Класика Гејм искуство.

The Red Wedding

Нормално дека не можеме да ја испуштиме оваа сцена, која ќе остане запамтена како една од најшокантните телевизиски епизоди, евер. Речиси цели три сезони гледавме како Роб Старк ја гради својата војска и стратешки, полека но сигурно, го поразува Тивин Ланистер. Неговиот downfall почнува кога ќе го прекрши ветувањето дека ќе ожени една од ќерките на Валдер Фреј. Нешто што се покажа како погубно за пола фамилија Старк. Масакрот (најавен од песната Rains of Castamere, која симболично почнува да ја свири малиот оркестар) почнува со убивањето на сопругата на Роб, која патем го носи неговото дете, а завршува со убиството на Роб и неговата мајка, како и илјадници други северњаци.

Hold the Door

Момент кој му парира на оној кога дознаваме за потеклото на Џон. Дознаваме дека всушност Бран е тој што го предизвикал хендикепот на Ходор. Во сцена во која Ноќниот Крал го наоѓа засолништето на Бран, чуван од Децата од Шумата и Гавранот со Три Очи (Three-Eyed Raven), Бран има визија во која се наоѓа десетици години во минатото. Во визијата, Ходор е во Винтерфел, каде што се и Лиана Старк, сестрата на Нед, и неговите татко и брат (убиени на монструозен начин од Аегон, таткото на Даенерис). Младиот Ходор го здогледува Бран, и одеднаш паѓа во транс. Во сегашноста, додека Бран и Мира бегаат, Ходор се жртвува за да го спаси Бран, држејќи ја вратата низ која се обидуваат да поминат мртвите. Тука дознаваме дека „Ходор“ е всушност кратенка од „Hold the Door“, монументален настан во серијата што покрена толку многу прашања, но не добивме одговор на ниту едно од нив.

Џон е всушност Аегон

Во едно интервју, дечките што ја започнаа оваа сага (Дејвид Бениоф и Ден Вајс) открија дека пред воопшто да добијат дозвола да ја снимаат серијата, седнале со авторот на книгите Џорџ РР Мартин. Нивниот ручек преминал во вечера, и после повеќе саати дискусија, Мартин бил задоволен. Но, сепак, тој им го поставил прашањето што морале да го одговорат за да им ги даде правата на снимање: која е мајката на Џон Сноу. Очигледно тие го дале вистинскиот одговор, а ние ја добивме потврдата на теоријата R+L=J дури во последната епизода од шестата сезона. Во времето на бунтот на Роберт Баратеон, младиот Нед Старк се упатува кон Кулата на Радоста каде што го пречекуваат едни од најпознатите витези во Вестерос, предводени од Артур Дејн. Со помош од својот близок пријател Хауланд Рид, Нед го убива Дејн и ја наоѓа неговата сестра како се пораѓа. Нед ја дознава вистината, а ние дознаваме дека тој со таа тајна живеел со години, само за да го спаси животот на Џон/Аегон. Предобар момент.

Џејми и Бриен

Цели три сезони ја знаевме приказната за Џејми како Kingslayer. Кога завршува опсадата на Кингс Лендинг од страна на војската на Роберт Баратеон, тој го убива кралот кој бил задолжен да го штити, како водач на прочуените браќа кои се дел од Kingsguard. Во оваа сцена откриваме дека тој всушност го убил Кралот Аерис од причина што овој сакал да ги запали живи сите мажи, жени и деца во Кингс Лендинг, каде што имал поставено Wildfire низ повеќето градби (ако се сеќавате, Wildfire е огнот со зелена боја кој уништи пола војска на Станис во втората сезона). Џејми не го убил Аерис поради неговиот татко Тивин, ниту поради тоа што нема никаков морал, туку поради тоа што сакал да ги заштити невините. Овој момент беше вистински почеток на неговата трансформација во Good Guy Jaime, срушена во неколку сцени од осмата сезона.

Претходна статијаIntel ја претстави десеттата генерација на Core процесори направени во 10 нанометарска технологија
Следна статијаРен Женгфеи за R&D, универзитети и кој всушност е татко на 5G?