Надолго е пишувано за шпиунирањето кое НСА го прави врз граѓаните на САД и граѓаните ширум светот. Знаеме и за соработката која ја имале НСА и други организации со најголемите технолошки гиганти, кои ги снабдувале со секакви кориснички информации и други лични податоци за корисниците. Откако се појави Сноуден во 2013 година, постојано се соочуваме со информации за како безбедносните служби често работат „против“ нас, а не за да ја заштитат нашата безбедност, што е причината заради која постојат.

НСА, како најголемата и најмоќната служба за разузнавање во светот, е најголемиот злоупотребувач на граѓанските и политички права кои ги имаат граѓаните. Се покажа дека тие гледаат на Уставот и другите законодавни документи како на парче тоалетна хартија.

Тоа се покажа и преку примерот со Џејмс Клапер (поранешен директор на НСА), кој излажа пред Конгресот на САД дека НСА не ги шпиунира америчките граѓани. Но, кога ќе ја прочитате што е објавено на нивната веб-страница, никој не може да ве обвини ако помислите дека се работи за најхуманата организација на планетата Земја.

Но, и тоа се менува. Како што пренесе The Intercept, НСА ја ажурираше својата веб-страница каде што се наведени вредностите кои ги застапува. Во старата верзија, тие се залагаа за целосна транспарентност, искреност и чесност.

Во новата верзија на вредностите, отстранета е вредноста „Искреност“ а променето е и објаснувањето на тоа што за нив претставува „Транспарентност“ и „Интегритет“ (како да тие ги создале овие вредности). Ако во претходниот текст се наведуваше дека НСА им служат на граѓаните на САД и гарантираат целосна транспарентност, сега е наведено дека тие ќе се трудат да придонесат кон подигање на јавната свест за нивната работа и мисија.

Но, тие гарантираат транспарентност само за оние „кои ја надгледуваат нивната работа во име на америчките граѓани“.

Вообичаено, довербата на граѓаните во ваквите флоскули е на ниско ниво. Во ситуација кога сме преплавени од информации како овие организации ја нарушуваат нашата приватност и безбедност, тоа е сосема разбирливо.

Но, зачудува што и во ваква ситуација, истите тие организации одлучуваат дополнително да ја намалат довербата кај граѓаните во нивната чесност и интегритет. Едноставно, нема логична причина поради која што на таков суштински начин би се менувал описот кај такви темелни вредности.

Ова може да се протолкува на најразлични начини, иако според НСА се работи за едноставен „апдејт на веб-страницата“. Она што ќе остане како впечаток е тоа дека со овој потег, ги кршат вредностите кои наводно ги застапуваат.

Претходна статијаИзмени во ЗБСП во однос на правото за стекнување на возачка дозвола од Б категорија за дете-возач
Следна статијаВознијак остро ги искритикува Елон Маск и Tesla