Покрај низата откритија за шпионирање и скандалозно нарушување на правото на приватност на граѓаните на САД и на Европа, во неодамнешно интервју за списанието „Wired“, Едвард Сноуден обелодени дека главната разузнавачка служба на САД, Националната Безбедносна Агенција (NSA) се виновни и за згаснувањето на интернетот во Сирија, во екот на граѓанската војна пред две години.
Имено, во 2012 година, среде вооружените немири и граѓанската војна во Сирија, NSA најмиле група на елитни хакери наречени Tailored Access Operations (TAO) кои имале задача да инсталираат малициозен софтвер за инфилтрација во еден од главните рутери на најголемиот Сириски интернет провајдер. NSA имале цел да добијат постојан и непречен пристап до мејловите и генерално до поголемиот дел од интернет сообраќајот и електронските комуникации во Сирија. Сепак, при инсталацијата на софтверот, хакерите направиле грешка и целосно го парализирале рутерот во кој што се обиделе да се инфилтрираат, практично правејќи го истиот бескорисен. Оштетената опрема имала круцијално значење за интернет инфраструктурата во Сирија и поради ова нејзините граѓани неколку дена немале пристап до интернет и биле спречени да комуницираат преку социјалните мрежи и другите канали на електронска комуникација.
Иронијата е во тоа што јавноста го барала виновникот за сторената штета секаде само не кај NSA. Сириските власти ги обвиниле бунтовниците дека тие се виновни за сторената штета. Oд друга страна пак, медиумите и експертите за сајбер-безбедност ја посочиле владата на Сирија како главниот причинител на сторената штета. Сноуден вели дека вработени во NSA се шегувале дека „секогаш можат да го насочат прстот кон Израел“.
Најголем губитник во оваа ситуација се сепак граѓаните на Сирија, на кои им било нарушено правото на слободно изразување во турбулентниот период во нивната земја.
NSA се уште се немаат изјаснето по овие тврдења.
Едвард Сноуден моментално живее во Русија, чии власти неодамна му одобрија дозвола за тригодишен престој во нивната земја.