Во декември 2019 пишував за борбата на тех-гигантите со „лажните вести“. Дечките се ставени на тешка задача да одговорат не само на барањата и очекувањата на корисниците, туку и на се посилните политички притисоци за „модерација на содржините“ кои се трансферираат низ ФБ/Гугл/Твитер (скоро се што е на интернет, нели?).

Од неодамна, имаме нов развој. Јутуб и Твитер објавија дека ги зајакнуваат механизмите за борба против лажните вести, со особен фокус на дезинформациите околу политичките избори и т.н. „синтетички“ слики и видеа. Станува збор за манипулирани видеа и слики со помош на алатки од репертоарот на вештачката интелегенција со што тешко може да се примети дали е оригинално или фејк видеото/сликата.

Јутуб ќе ги тргнува „содржините кои се технички манипулирани или изменувани на начин што погрешно ги наведува корисниците и може да претставуваат сериозен ризик за да предизвикаат голема штета“. Не разбрав баш како ќе ги оценат ризикот и „големата штета“, но они си знаат најдобро. Дополнително, Јутуб ќе биде строг кон видеа кои лажат за датумот на гласањето или други важни околности околу политичките избори. На крај, ќе ги гасат каналите чии креатори лажно ќе се претставуваат дека се некој друг или сите оние канали кои „вештачки“ ќе ги пумпаат лајковите и коментарите и сопствената популарност.

Следуваше акција и од Твитер периодов. Имено, станува збор за определување механизам / начин како Твитер ќе определува дали одреден твит ќе биде избришан. Како што објаснуваат од Твитер, ќе се гледа „дали видеото/сликата во твитот е значително фабрикуван со цел погрешно да наведува и дали начинот на кој е споделен твитот е со цел да креира дезинформации“. Во овој случај, твитот ќе добие „жиг“, ознака дека може е фејк информација. Доколку Твитер процени дека дополнително може да ја загрози „јавната безбедност или да предизвика сериозна штета„ ќе го цензурира. Она што е интересно кај Твитер, кои имам чувство дека се најлиберална социјална мрежа, е што ќе се фокусираат на „целта“ на твитот, а не дали е „синтетички“ материјалот кој се споделува. Идејата е да не се таргетира се што е сатира, шега па дури и невкусни црни твитови, туку она што има за цел да направи хаос во полето на здраво и точно информирање на граѓаните.

Колку ќе успеат да го постигнат ова тех-гигантите – особено да одредуваат твит/видео со ризик да предизвика „сериозна штета“ – и дали треба воопшто да ја модерираат содржината на социјалните мрежи, е друго прашање. Но, ако веќе мораат да модерираат, рамката која ја создаваат за да одлучуваат по овие прашања има смисла. Што е чекор во добра насока.

Претходна статијаПет години гаранција на одбрани Samsung уреди од бела техника
Следна статијаНовата мобилна Office апликација официјално достапна за сите Android и iOS корисници
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.