Си беше еднаш… во Холивуд е прилично различен од останaтите филмови на Тарантино. Палп Фикшн, Кил Бил, Инглориус Бастердс, Џанго Анчеинд и другите негови остварувања се брзи филмови, со акција и тензична драма. Очекував такво нешто и од неговиот најнов филм, но сфатив дека воопшто нема да гледам таков филм. Тотално различен, освен задолжителното присуство на Мајкл Медсен, Курт Расел, и во последно време Бред Пит и Леонардо Ди Каприо. Го нема само Семјуел Л. Џексон, што е многу чудно за Тарантино.

Холивуд е бавен, и долг, дооолг филм. Првите два часа се стварно бавни и за некого можат да бидат и досадни. Тарантино го отсликува Холивуд во шеесетите, со блескавите билборди, сеприсутните филмски ѕвезди од тоа време и блокбастерите распослани по цел Лос Анџелес. Фокусот е на Рик Далтон (Ди Каприо), филмска ѕвезда што се соочува со фактот дека неговите најдобри години се во минатото. Последните четириесетина минути се, од друга страна, чисто Тарантино задоволство за гледање. Не може филм на мајсторот да помине без тепачки и крвави сцени кои во исто време се тензични и комични.

Спојлер алерт

Интересното тука е што Тарантино нуди своја визија на масакрот што се случи во 1969 година во куќата на познатиот режисер Роман Полански. За оние што не знаат, под наредба на лудакот Чарлс Менсон, неколку негови следбеници тогаш упаднаа во куќата на Полански и ги убија неговата тогашна (бремена) сопруга Шерон Тејт и неколку нивни пријатели.

Тарантино одлучил да ја рекреира оваа случка, со клучна измена во расплетот. Тој се исмева со Менсон фамилијата прикажувајќи ги како смотаници додека се обидуваат да упаднат во куќата на Рик Далтон, кој е прв сосед на Тејт и Полански.

Смотаниците не очекуваат дека таму ќе наидат на Клиф Бут (Бред Пит), каскадер и најдобар пријател на Далтон. Клиф и неговиот верен пес на претерано интересен начин ја елиминираат заканата, а десертот е за Ди Каприо, кој со пламенофрлач убива еден од Менсон упаѓачите.

Кога сме кај глумата, Ди Каприо е предобар во филмот, но Бред Пит е уште подобар според мене. Една од најдобрите улоги во последниве неколку години (не ми оставил ваков впечаток уште од Инглориус Бастердс). Во една сцена, тој дури го претепува и Брус Ли.

Филмов вреди да се гледа само поради последниот час, но и покрај тоа е одличен филм со интересни ликови.

Претходна статијаРСБСП со одговори: Сигурносни појаси – кој, кога, зошто?
Следна статијаДенеска официјално завршува поддршката за стариот и најмногу популарен Windows 7