На 14 април, конечно се прикажа првата епизода од последната сезона на Гејм оф Тронс. Милиони ќе ја гледаат и прераскажуваат наредните денови. После шест недели, Тронс ќе заврши. Откако излезе првата епизода во 2011 година, Гејм изгради легија на верни фанови поради политичките интриги и пресврти, сложените ликови и нивните трансформации и епски битки помеѓу доброто и злото.

И покрај тоа што поминаа цели седум сезони, постојат повеќе прашања на кои се уште чекаме одговор. Дали ќе ги добиеме во 6-те епизоди што следат? Кој ќе преживее, а кој ќе умре? Дали ќе победи доброто или злото? Останува да видиме, но еве некои од прашањата што мене ме „измачуваат“ во пресрет на спектаклот што не очекува.

Предупредување: Следат „МАСИВНИ СПОЈЛЕРИ!“

Дали Кралот на Ноќта има некаква цел?

Од она што досега го знаеме, немаме идеја која всушност е мотивацијата на Ноќниот Крал и неговата армија. Знаеме дека има опсесија со регрутација на бебиња во нивните редови, дека може да оживее илјадници мртви наеднаш, дека станал тоа што е денес како последица на Децата од Шумата (Children of the Forest) и дека може да комунцира со Бран дури и во неговите визии. Сето тоа ја сочинува мистичноста на овој лик.

Но, зошто тргнал да уништува живот каде и да го сретне? Тоа е главното прашање на кое немаме одговор. Некои од теориите велат дека се работи за прекршен пакт склучен пред илјадници години помеѓу Првите Луѓе (First Men) и Белите Сеништа (White Walkers) и дека мртвите сега се обидуваат да наплатат поради тоа прекршување. Зошто, што, како, кога, ќе дознаеме во наредните неколку епизоди.

Дали ќе гледаме Cleganebowl?

Во претходните сезони се крена хајп за потенцијалната борба помеѓу Планината и неговиот брат, Сандор (Песот) Клегејн. Приказната е следна: Како дете, Планината го начекал Сандор како си игра со неговите играчки. Налутен, го притиснал неговото лице на вжештена плотна со што тој го добива неговиот денешен изглед. Сандор развива аверзија кон оган како последица. А, по она што го видовме во сезона 7, му нема заборавено, ниту простено на постариот брат. Ако дојде до тоа, ќе ја гледаме една од најинтересните еден-на-еден битки во целата серија (покрај таа помеѓу Планината и Принц Оберин).

Image result for cleganebowl
Мора да се оствари овој дуел

Кој ќе седне на престолот?

Како што стојат работите, повеќе ликови имаат право да побараат да бидат нови главатари на седумте кралства. Јасно е дека Џон е еден од нив. Тука е и Даенерис, но и Гендри (заборавеното „копиле“ на Роберт Баратеон). Судбината на Станис Баратеон е непозната, па ништо чудно и тој повторно да се појави со своите аспирации за тронот.

Дали ќе има воопшто Престол кој може да се наследи?

Едно од сценаријата за развршница на настаните е да се сруши начинот на владеење. Знаеме дека следи епска битка (која се снимала цели 55 денови) која ќе донесе големо уништување и смрт на некои од нашите омилени ликови. Можно ли е да биде воведена демократија во Вестерос, без еден и единствен крал?

Со кого ќе заврши Бриен (и дали Џејми ќе преживее)

Од негативец и човек кој сите го мразеа, Џејми се претвори во херој кој сите сакаме да преживее. Неговата симпатична, неочекувана (и нереализирана) романса со Бриен од Тарт беше хајлајт на првите неколку сезони. Од друга страна, Тормунд е уште еден лик кој е вљубен во нејзе. Јас навивам за Џејми, но не ми се допаѓаат неговите шанси за преживување.

Дали Бран може да го менува минатото?

Ако судиме по некои од претходните настани (моментот со Ходор), тој може да влијае врз постапките на ликови од минатото. Сетете се дека дури и во неговата визија за битката на неговиот татко Нед Старк со Артур Дејн (митската битка кај Кулата на Радоста), Нед се сврте откако Бран го повика неговото име. Дали Бран ќе има одлучувачко влијание врз конечната битка?

Со какви оружја располагаат армијата на мртвите?

Знаеме дека се маестрални во ракување со копје. Но, во првата сезона, Бран слуша приказна која ја раскажува неговата баба (Old Nan) во која таа ја опишува армијата на мртвите. Таа споменува дека тие доаѓаат во зима (вистина), кога е најладно (вистина), јавајќи мртви коњи (вистина) и огромни смрзнати пајаци. Коњите веќе ги видовме. Дали ќе се појават и пајаците. Тоа би било многу кул.

Image result for ice spiders got
Језиво…

Постојат уште десетици прашања што чекаат одговор. Што ќе се случи со Тирион? Како ќе реагираат Џон и Даенерис на фактот што се во крвно сродство? Каде ќе заврши Сем Тарли? Не може да очекуваме дека ќе ги имаме сите одговори, но едно е сигурно: не чека неверојатна и епска развршница на една од најгледаните и највлијателни серии во историјата. Штета што толку бргу ќе заврши, но нејзиниот ефект ќе се чувствува со децении.

Претходна статијаMicrosoft OneNote ќе добие темна тема
Следна статијаРусија го казни Facebook 50 долари за прекршување на закон за приватност