Xiaomi ја претстави наредната генерација од нивната најдобра серија, Mi 11, барем за кинескиот пазар, по што се очекува претставување и за остатокот од светот, со можеби минимални разлики.

Телефонот доаѓа со доволно новини и промени во дизајнот да може да се каже дека ова е еден од подобрите телефони на пазарот, иако постепено ќе почнеме да ги гледаме новите модели од конкуренцијата за 2021.

Уште на прв поглед на сликите се гледа дека Xiaomi има одличен уред во Mi 11. Рамките на екранот се дополнително намалени со што се добива поголем екран со скоро истите димензии како кај ланскиот модел.

На задната страна редизајн има добиено модулот за камерите кој изгледа одлично. Истиот е со доста заоблени страни, а во него се сместени три камери од кои главната има 108 мегапиксели, како и 13 и 5 мегапиксели кај другите две.

Две новини кај карактеристиките го прават Mi 11 одличен и конкурентен телефон. Тој работи на Snapdragon 888 кој е направен на 5nm технологија, има вграден 5G модем со што се остава повеќе простор во уредот и од него се очекуваат големи подобрувања во перформансите.

Втората одлична новина е екранот кој овој пат ќе има поголема резолуција од 3.200 на 1.440 пиксели со 120Hz стапка на освежување. Ова е нешто што не се очекува од секој производител со оглед на намалувањето на стапката на освежување кога ќе се зголеми резолуцијата, поради заштеда на батерија.

Уште поважно, стапката на освежување при допир е досега најголемата кај еден мобилен уред и изнесува 480Hz. Со ова корисниците можат да очекуваат ретко добро искуство при работата со екранот.

Xiaomi Mi 11 доаѓа со избор помеѓу 8 и 12GB RAM, како и 128 и 256GB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 4.600 mAh, но исто како што направи Apple, полначот нема да дојде со телефонот и ќе мора да се купи посебно.

Полнењето ќе се прави со 55W, што ќе овозможи доста кратко време потребно за полнење на уредот.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Anand Tech
Претходна статијаInPlayer во 2020 како година на предизвици
Следна статијаSkype ја доби интересната „Together mode“ функција од Microsoft Teams
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.