Првата јавно достапна тест верзија од Windows 9 или Windows Threshold се очекува да биде достапна на 30-ти Септември или на почетокот од Октомври. Исто така според одредени неофицијални информации, се најавува можност да оперативниот систем од наредната верзија биде нарекуван едноставно Windows на сите уреди на кои што е достапен.
Според порталот Neowin, на кој што често може да се прочитаат информации добиени од нивни неофицијални извори, наредната верзија од Windows ќе вклучува и центар за нотификации. Ова сигурно е доста барана функција и доста корисниците ќе ја сметаат за добредојдена. Windows е единствениот систем кој што не нуди централизиран систем за нотификации во било каква форма.
Центарот за нотификации ќе се прикажува на десктоп околината, односно ќе биде дел од tray делот на taskbar-от. Нема да го покрива целиот екран, туку ќе се прикажува во посебен прозор кој што ќе биде со целосно бела позадина. Нотификациите ќе бидат прикажани во групи од апликациите од каде што доаѓаат, слично како во Windows Phone 8.1. Прозорот нема да се зголемува зависно од бројот на нотификации, односно корисниците ќе треба да ја листаат содржината. Нотификациите ќе можат да се тргаат една по една или сите со притискање на едно копче.
Центарот за нотификации се очекува да биде достапен во тест верзијата од Windows и во оваа фаза вклучува само основни функции. Со тек на време центарот треба да биде унапреден, односно зависно од информациите кои што ќе бидат добиени од искуството на корисниците.