Официјалната поддршка за Windows 10, како што е веќе добро познато, истекува на 14 октомври. После тоа, корисниците можеби нема веднаш да забележат разлика, но како поминува време, нивниот систем реално има зголемен ризик од вируси и некомпатибилни апликации.
Сепак, поради тоа што Microsoft овозможува продолжена поддршка уште неколку години, може да се очекува и дека поддршката за дел од апликациите ќе продолжи. Овој пат, покрај бизнисите, можност за продолжена поддршка имаат и приватните корисници, а за тоа тие треба да платат 30 долари за една година продолжување на поддршката.
Кога ќе се земе во предвид огромниот број на корисници кои сѐ уште го користат Windows 10, воопшто не ме изненадува информацијата дека од компанијата ќе понудат и можност за добивање на дополнителната година на поддршка бесплатно. Продолжената поддршка важи до 13 октомври 2026 година, а корисниците наскоро ќе почнат да добиваат известување за истата на нивниот Windows 10 компјутер.
За бесплатна година на поддршка корисниците ќе треба да ја користат Windows Backup алатката која преку Microsoft сметката прави синхронизација на одредени податоци, меѓу кои и прилагодувањата со серверите од компанијата.
Microsoft ја дава оваа можност најверојатно поради фактот што процениле дека голем дел од корисниците ќе останат на Windows 10 и покрај истекот на поддршката, а исто така голем дел од нив ќе се префрлат на Linux.
Како и да е, тешко е дека од компаниајта ќе можат доволно голема бројка од нив да ги убедат да купат нов компјутер само за да го инсталираат Windows 11.
Покрај доста поголемата популарност, изборот и едноставноста на користење, оваа година гледаме и кампањи за привлекување на овие корисници кон Linux. Таква една кампања започнаа од KDE, десктоп околина која е достапна на повеќе дистрибуции, а секако, тие кои се разбираат можат да ја инсталираат на која сакаат.