Microsoft вчера го одржа својот најавен Surface настан и на него ги претстави очекувани уреди, иако може да се каже дека имаше и по некое изненадување. Еден од производите кои привлекуваат најмногу внимание е дефинитивно и досега одличниот Surface Pro, кој сега стигна до својата осма верзија.

Surface Pro 8 може да се каже дека сега дефинитивно вреди да се купи, доколку досега некој не можел да се одлучи. Како главна причина за тоа се променетиот дизајн, екранот со стапка на освежување од 120 херци, како и најновите верзии од процесорите кои донесуваат доста подобри перформанси.

Тоа што го прави Surface Pro еден од најдобрите уреди на пазарот во својат категорија е што корисниците добиваат лесен и пренослив компјутер кој може да се користи како таблет, а со додавање на тастатурата која се користи и како заштита, може да се користи како лаптоп.

Како главна новина кај Surface Pro 8 се истакнува промената на дизајнот, нешто што фановите го чекаат уште од претставувањето на Surface Pro X кој за разлика од другите модели, дојде со многу мали рамки околу екранот. Сега и Surface Pro 8 ги има истите мали рамки, но и неколку дополнителни новини.

Посебно може да се истакне и стапката на освежување од 120 херци на екранот, нешто што е доста популарно кај мобилните, па добро е да се види Microsoft да го примени кај нивните таблет компјутери.

Surface Pro 8 доаѓа со 11-тата генерација на процесорите од Intel, а од Microsoft најавуваат доста поголема разлика од претходниот модел кога се во прашање перформансите, а исто така најавуваат и траење на батеријата до 16 часа.

На предната страна е поставена и камера со 5 мегапиксели и студиски микрофони, а не би се очекувало ништо помалку за уред дизајниран за Windows 11 и Microsoft Teams. Уредот има и задна камера, како и сите таблет компјутери, а истата е со 10 мегапиксели.

Екранот е со големина од 13 инчи, а тоа е повеќе од ланскиот модел и се должи на намалените рамки, а уредот успева да ги заджи малите димензии. Резолуцијата на екранот е 2880 на 1920 пиксели, па може да се каже дека е штета што од Microsoft се немаат одлучено за поголема резолуција.

Стапката на освежување, како што веќе споменавме, е со 120 херци, а оваа година исто така достапна е и поддршка за менување на топлината на боите зависно од околината.

Surface Pro 8 го задржува познатиот „kickstand“ на задната страна со кој може да се потпре во било која позиција, а оваа година доаѓа и со поддршка за новото и подобрено Surface Slim Pen 2 кое има вибрации за да ја направи интеракцијата со екранот што повеќе слична со вистинска хартија.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаА1 Македонија го постави “СМАРТ езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција” во општина Велес
Следна статијаSurface Laptop Studio го донесува одличниот Surface Studio во лаптоп формат
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.