SpaceX официјално стана првата приватна компанија која испрати екипаж во орбитата на Земјата каде што тие направија „вселенска прошетка“, односно активност надвор од вселенското летало.
Досега оваа активност беше ексклузивно достапна за државните вселенски агенции, односно за астронаутите од NASA и другите вселенски агенции.
Првата вселенска прошетка е направена во 1965 година од страна на рускиот астронаут Алексеј Леонов, по што три месеци подоцна ваквата активност беше изведена и од страна на американците и нивниот астронаут Ед Вајт.
SpaceX ќе влезе во историјата како компанија која го овозможи првото вселенско „шетање“ од страна на цивили, а Polaris Dawn мисијата има уште неколку интересни и важни факти.
Една од главните цели на оваа мисија беше тестирањето на новите и доста футуристички скафандери од SpaceX кои се доста помали во споредба на тие кои се користат од страна на вселенските агенции.
Екипажот на мисијата која го носи името Polaris Dawn е составен од четворица астронаути, односно главниот на мисијата Џаред Ајзакман, пилотот Скот Потит, како и членовите од SapceX, специјалистот на мисијата Сара Гилис и Ана Менон која е специјалист на мисијата и доктор.
Интересно е што Џаред Ајзакман е американски милијардер кој ја финансира оваа мисија, а тоа не е неговиот првпат да учествува во финансирање на слични мисии.
Лансирањето на Polaris Down мисијата беше направено преку познатата SpaceX Falcon 9 ракета која ја носи Crew Dragon капсула, специјално изменета за оваа мисија, а од Launch Complex-39A на NASA Kennedy Space Center. Од оваа локација е лансирана легендарната Apollo 11 мисија на Месечината.
Висината која беше достигната е исто така прва во историјата за еден екипаж, со исклучок на Apollo мисијата која стигна до Месечината. Polaris Dawn достигна висина нешто повеќе од 1400 километри, што е за околу 70 километри повеќе од претходниот рекорд.
Вселенската прошетка беше направена на висина од 737 километри, на вториот ден од лансирањето на Crew Dragon капсулата.
По различните подготовки и тестови, процесот на тргање на притисокот во капсулата започнува, а тоа е и една од работите која се тестираше. Наместо посебен дел од каде што би се излегло од капсулата, прилагодената Crew Dragon капсула целосно го губи притисокот и делот кој е замислен за прикачување на вселенската станица, на пример, се користеше како излез за вселенската прошетка.
Прошетката ја направија Ајзакман и Гилис, додека другите двајца од екипажот останаа внатре и ги следеа сите потребни параметри од активноста. Тие за време на прошетката ги направија потребните тестови на скафандерот од SpaceX.
Целата активност заврши успешно, а екипажот за време на својот престој ќе изврши и дополнителни 36 научни експерименти за 31 различна институција.
Видеото од мисијата можете да го погледнете во целост во продолжение.