Samsung денеска го одржа нивниот Galaxy Unpacked, оваа година во Париз. Смартпортал е присутен на овој настан, па имавме шанса веднаш да ги пробаме новите уреди кои беа претставени. Очекувањата од наша страна за новите уреди беа големи, па можам слободно да кажам дека од компанијата се покажаа одлично.  

Настанот како и секогаш беше одлично организиран, а Samsung дефинитивно го дава потребното значење на начинот на презентација на нивните производи. Одржувањето на Galaxy Unpacked во Париз му даде на настанот посебна атмосфера и можам да кажам дека беше еден од подобрите досега. 

Тоа што веднаш го заклучив за време на настанот, а и после истиот, кога добивме пристап до сите нови производи, е дека се работи за големи надградби на постојните уреди од компанијата. 

Мене лично уште од самото претставување, посебно внимание ми привлекува Galaxy Z Fold, сега стигнат до својата шеста генерација. Уредот веднаш се забележува колку е потенок, а посебно кога е отворен. Корисниците добиваат нешто што ќе го направи користењето на Galaxy Z Fold6 одлично, без негативните страни на еден ваков уред, односно уред на преклоп. Обично проблем знае да претставува дебелината, со што уредот не може баш да се користи како класичен телефон, но Samsung полека доаѓа до формат и димензии кои го прават Galaxy Z Fold6 уред кој одредена категорија на корисници мора да го имаат. 

На ова треба да се додаде и помалата тежина на уредот, а кратко кажано, разликата се забележува веднаш по тестирањето на уредот, посебно за тие кои веќе ги имаат користено претходните генерации. 

Galaxy Z Fold6 е најтенкиот уред на преклоп од Samsung досега, а тоа многу се забележува при користењето на уредот. 

За разлика од „фолдот“, Galaxy Z Flip6 веќе е доста среден и развиен смартфон кој полека си доби свои верни корисници, а се повеќе од нив гледаат вредност во еден ваков смартфон. 

Секако, двата уреди го добиваат најновото кога е во прашање чипот, а тука се и подобрувањата кај камерите и софтверот. 

Galaxy Watch7 ја продолжува одличната „работа“ на претходните генерации, а тука е и Galaxy Watch Ultra кој донесува одличен дизајн, а тоа е според мене една од главните карактеристики и предности на овој нов часовник. 

Samsung оваа недела, пред одржувањето на настанот, го претстави новиот BioActive сензор кој е дел од новите часовници. Со ова корисниците на новата генерација од часовниците од Samsung можат да очекуваат доста попрецизно мерење на фитнес и здравствените активности. 

Galaxy Watch Ultra е целосно нов модел и очекувано тој веќе е мојот омилен паметен часовник на пазарот. Со новиот дизајн и одличната големина, ова е навистина одлично дизајниран уред кој посебно добро стои на раката, а посебно кај корисниците со нешто поголеми раце.

Посебно морам да ги истакнат и целосно новите слушалки кои ги претстави Samsung. Galaxy Buds3 Pro имаат целосно нов дизајн, а од тоа што можев да го добијам како впечаток при тестирањето можам да заклучам дека овие слушалки пред се многу полесно и повеќе прецизно се ставаат во увото. 

Вештачката интелигенција е тука да се погрижи за подобар и повеќе прилагоден квалитет на звукот, а посебно се истакнува и активната придушување на бучавата, нешто што е клучна карактеристика кај сите слушалки од оваа категорија. 

Нова и доста корисна новина која доаѓа кај слушалките, а со помош на вештачката интелигенција е можноста за користење на функцијата за превод преку слушалките. Корисниците ќе можат да го слушаат преводот без потреба да гледаат во екранот од нивниот смартфон кога разговараат со луѓе кои не го говорат нивниот јазик. 

Кога сум кај вештачката интелигенција, Samsung очекувано издвои голем дел од својата презентација говорејќи на оваа тема. Јасно беше уште лани кое е значењето на генеративната вештачка интелигенција кај идните производи, а тоа стана уште појасно на овој настан. Samsung се повеќе ќе се насочува кон своите јазични модели и генерирањето на содржината од самиот уред. 

Вештачката интелигенција оваа година добива неколку новини, а можевме да видиме и доста подобрувања на веќе достапните функции од минатата година. 

Претходна статијаSamsung го проширува портфолиото на носиви уреди за напредно искуство на следење на здравјето на сите корисници
Следна статијаОлимпиското издание на Samsung Galaxy Z Flip6 засилено со технологијата Galaxy AI ексклузивно претставено на натпреварувачите на Олимписките игри
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.