Во денешно време нормално е да се очекува повисока цена кај смартфоните, а посебно кога се бараат и подобри перформанси и карактеристики. Samsung Galaxy A56 5G се појавува како освежување за оние кои бараат баланс помеѓу цената и перформансите. Карактеристично за Samsung, оваа класа на телефони им овозможува на корисниците да користат уред кој е доста блиску до високата класа, но со доста поприфатлива цена. 

Како и секогаш, јас ги користам телефоните неколку недели и можам да ви го пренесам моето основно искуство и да ви помогнам при одлуката кој телефон да биде вашиот следен. 

Дизајн и изработка

Galaxy A56 5G се истакнува со својот елегантен дизајн и квалитетна изработка. Алуминиумската рамка и Gorilla Glass Victus+ стаклото на предната и задната страна му даваат премиум изглед и чувство, не толку далеку од највисоката класа. 

Со дебелина од само 7.4 mm и тежина од 198 g, уредот е удобен за држење и користење, а тоа лесно доаѓа до израз со денешните навики на користење на телефоните со часови.

IP67 сертификатот за отпорност на вода и прашина додава дополнителна сигурност во секојдневната употреба, па иако овој телефон не е замислен за снимање под вода, сепак можете да бидете сигурни дека нема да се расипе во одредени ситуации. 

Премиум амбициите на Galaxy A56 посебно доаѓаат до израз во овој дел, а Samsung има направено одлично дизајниран телефон кој типично за изминатите години, воопшто не изгледа како да не е од највисоката класа. 

Достапен е во четири бои: розова, маслинеста, графитна и светло сива. 

Екран

6.7-инчниот Super AMOLED екран со Full HD+ резолуција и освежување од 120Hz обезбедува мазно и живописно искуство при користење. Со поддршка за HDR10+ и максимална осветленост од 1900 нити, екранот останува видлив дури и под директна сончева светлина. Горниот дел на екранот е заштитен со Gorilla Glass Victus+, што го прави отпорен на гребење и удари.

Samsung се прави специјалисти кога се во прашање екраните, па една од придобивките од користењето на нивните уреди е што никогаш корисниците не добиваат послаб квалитет. Кога ќе се земе во предвид и дека Galaxy A56 е од средно високата класа, на екранот може да се види дека не е штедено. 

Перформанси: Солидни за секојдневна употреба

Под хаубата, Galaxy A56 5G е опремен со Exynos 1580 процесор, изработен во 4nm технологија, кој обезбедува солидни перформанси за секојдневни задачи. Со 8GB RAM и до 256GB внатрешна меморија, уредот лесно се справува со работата со апликации, како и со мултитаскинг. 

Сепак, за гејминг со одредени игри, може да се забележи загревање и намалување на перформансите. Недостаток е и отсуството на microSD слот за проширување на меморијата. 

За повеќето корисници најважното нешто е дали нивниот телефон ги извршува нивните стандардни активности во текот на денот, а тоа во главно се вклучувањето на апликации, како и сликање. 

На „мазноста“ при користењето на телефонот многу додава и стапката на освежување на екранот, па заедно со одличната оптимизација на софтверот и хардверот, корисничкото искуство е повеќе од задоволително. 

Камера

Системот на задни камери се состои од: главна 50MP камера со оптичка стабилизација, 12MP ултраширока камера, како и 5MP макро камера. 

Предната камера е 12MP и поддржува Super HDR за подобри селфи фотографии. 

Во услови на добро осветлување, фотографиите се остри и детални. Меѓутоа, во слаба осветленост, квалитетот опаѓа, особено кај ултрашироката и макро камерата. 

Ова секако е очекувано, а од тестирањата на поскапите модели може да се заклучи дека дури и тие не ретко имаат проблем со сликањето во темни услови, па големината на сензорот и леќите се нешто што сепак претставува ограничување. 

AI функциите како Object Eraser и Best Face се корисни за брзо уредување на фотографиите, а Samsung веќе има изградено искуство во имплементацијата на одлични вакви функции. 

Од мое искуство, ваквите функции се корисни зависно од периодот и стилот на користење на уредот. Некогаш ги користам скоро секој ден, а некогаш и заборавам дека ги има, но едно е сигурно и ми е мило што е така, нивната функционалност е доста подобрена од првите верзии. 

Батерија и полнење: Долготрајна со брзо полнење

Батеријата од 5.000 mAh обезбедува до 29 часа гледање на видео содржина, што е импресивно. Поддржува 45W брзо полнење, овозможувајќи полнење до 65% за околу 30 минути и целосно полнење за околу 68 минути. 

Звук и дополнителни карактеристики

Galaxy A56 5G располага со стерео звучници кои обезбедуваат чист и гласен звук, а тука помага и големината на самиот уред. Отсуството на 3.5mm аудио приклучок може да биде недостаток за љубителите на жичени слушалки, но ваквата ситуации е веќе стандардна кај сите уреди.

Телефонот поддржува 5G конективност, Wi-Fi 6, Bluetooth 5.3 и NFC, што го прави компатибилен со најновите технологии.

Заклучок: Вреден за размислување

Samsung Galaxy A56 5G е солиден избор за корисниците кои бараат уред со премиум изглед и солидни перформанси по пристапна цена. Иако има некои недостатоци, како што се отсуството на microSD слот и полнач во пакувањето, предностите како долготрајната батерија, квалитетниот екран и долгата софтверска поддршка го прават овој уред вреден за размислување.

Претходна статијаWhatsApp официјално достапна на iPad
Следна статијаGLEY го лансира „GLEY и движи“, пилот – проект за здрав живот
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.