Фото: Microsoft

По одложувањето поради критиките од безбедносните истражувачи, Microsoft го најави пуштањето на Recall функцијата која беше за првпат презентирана со најавата на Copilot+ компјутерите. Овие компјутери работат со ARM чипови, за почеток ексклузивно со Snapdragon X серијата, а како главна карактеристика им се функциите со вештачка интелигенција, каква што е Recall. 

Оваа функција во основа прави слика од се што корисникот го прави на компјутерот со цел во иднина да може да побара било што, од отворени веб страни, документи на кои има работено и слично. 

Recall уште пред да излезат критиките може да се каже дека привлече не толку позитивно внимание поради начинот на којшто функционира и за што е наменета оваа функција. 

Кога истражувачите открија дека сите овие „сензитивни“ податоци се чуваат без дополнително шифрирање, јасно стана дека Recall потенцијално може да претставува сериозна закана за приватноста и безбедноста на корисниците. 

Од компанијата најавија дека имаат направено промени во начинот на функционирање, односно ги направиле потребните промени кои се’ уште е чудно зошто не беа дел од Recall уште од самиот почеток. 

Податоците се чуваат во шифрирана форма и се отвораат преку Windows Hello, а исто така Recall не е автоматски вклучен, па корисниците можат тоа да го направат по избор. 

Сега од Microsoft најавија дека Recall ќе стане достапен преку Windows Insider програмата од октомври, па корисниците кои имаат Copilot+ компјутер ќе можат да ја пробаат оваа нова функција. 

ИЗВОРEngadget
Претходна статијаMicrosoft Teams сега е една унифицирана апликација без разлика со каква сметка се користи
Следна статијаГолем успех на македонските јуниори-информатичари: Три бронзени медали за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува во Кишињев, Молдавија
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.