Phone Link апликацијата, која со години е тука да овозможи поврзување на Windows компјутерите со Android телефоните, сега ја добива оваа можност и за iOS корисниците.
Microsoft ја најавија и почна да ја тестира оваа нова можност од почетокот на годината, а сега истата официјално им станува достапна на сите корисниците на Windows 11. Како што најавуваат од компанијата, сите корисници треба да ја добијат до средината на мај.
Phone Link for iOS сепак не може да се спореди со можноста која ја нуди оваа апликација за Android телефоните. Може да се каже дека за iOS нуди основно поврзување, па корисниците добиваат можност да ги гледаат известувањата од својот iPhone, да прават телефонски повици, како и да ги гледаат пораките од Messages апликацијата.
Последната функција привлекува и најмногу внимание. Со ова Windows 11 на еден начин добива поддршка за iMessages сервисот, нешто што Apple не ни планира да го овозможи, ниту за Windows, ниту за Android.

Поддршката за iMessages сепак не е полна со можности и како што би сакале. Таа функционира на основа на пресретнување на известувањата, па нивно додавање во листа со пораки. Корисниците не можат да ги гледаат групните пораки и не можат да испраќаат слики и слично.
Поврзувањето на iPhone се прави преку Bluetooth, а истото може да се започне преку Phone Link апликацијата од Windows 11 и следење на инструкциите.