Најбрзо досега по пуштањето на најновата официјална верзија од Android, Samsung почна со пуштање на надградбата за нивните корисници. Во овој случај се работи за Android 12 верзијата која кај корисниците на Samsung доаѓа во форма на One UI 4.0.

Samsung го најави One UI 4.0 при крајот на минатиот месец, а во бета форма корисниците можеа да го тестираат и пред тоа. Тоа значи дека промените можевме да ги видиме и да знаеме што да очекуваме.

Први очекувано надградбата ќе почнат да ја добиваат моментално најсилните модели од компанијата, односно телефоните од Galaxy S21 серијата. Официјално One UI 4.0 за овие корисници станува достапен од денес, но секако процесот на надградба може да се очекува дека ќе трае неколку денови, а можеби и недели.

Промената кај One UI 4.0 не е толку голема како што е случајот со Android 12, ако се спореди со претходната верзија. Корисничкиот интерфејс на Samsung останува прилично сличен со претходната верзија, но сепак корисниците ќе ги добијат некои од одличните новини од Android 12.

Главната новина од Android 12 која ја има кај One UI 4.0, а е поврзана со корисничкиот интерфејс, е можноста за менување на боите, нешто што може да се избере да биде автоматски направено врз основа на бојата од позадината.

Промената на боите се прилагодува на иконите, центарот за известувања, виџетите и слично, па може да се каже дека оваа верзија од Android, односно One UI ќе биде многу повеќе прилагодена на корисниците.

Друга новина која доаѓа од Android 12 е поврзана со приватноста. Сега корисниците ќе добиваат мала ознака на горниот дел од екранот која некоја апликација ја користи камерата или микрофонот. На овој начин корисниците секогаш ќе знаат кога овие две важни за приватноста функции се во употреба.

Исто така, корисниците ќе можат да изберат некоја апликација дали може да има пристап до точната локација на уредот или само приближната, а сето ова ќе може да се прилагодува и преку новиот дел за приватност.

Од Samsung истакнуваат дека до крајот на годината One UI 4.0 можат да го очекуваат и корисниците на нешто постарите уреди, како S10 серијата, A серијата, а ќе ја добијат и корисниците на Galaxy Z серијата.

ИЗВОРSamsung
ИЗВОР 2ZDNet
Претходна статијаSamsung освои 43 награди на доделувањето на CES 2022 Innovation Awards
Следна статијаПрва македонска платформа за поврзување на студенти и компании – Бинтерн
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.