Наредната поголема верзија од Windows оперативниот систем треба да биде достапна за корисниците идната пролет. Истата во оваа фаза е нарекувана со кодното име Threshold, како и Windows 9, меѓутоа до официјалното претставување се остава можноста и за друго име. Од информациите кои што до сега се достапни можевме да видиме дека од Microsoft ќе продолжат со враќање на одредени функции тргнати од првата верзија на Windows 8, функции за чие што тргање од компанијата беа доста критикувани и се сметаат како директна причина за недоволната популарност на оперативниот систем. Се разбира мислиме на тргање на Start менито и замена на неговата функционалност со новиот Start екран кој што во главно е дизајниран за корисниците со екрани на допир. Со тоа корисниците на маус и тастатура, кои што се и главните корисници на Windows, беа доведени во ситуација да мораат да користат нешто што не е баш наменето за нивниот досегашен стил на користење на компјутерот. Кога на тоа ќе се додаде бројката на апликации, а посебно квалитетни, која што се’ уште не може да се спореди со таа на Android и iOS, голем број на корисници решија да останат на Windows 7, а некој и да пробаат некој од другите оперативни системи.
Според информациите до кои што има дојдено порталот Neowin од нивни извори, Windows Threshold веќе се тестира и во одредени верзии од оперативниот систем Start екранот е исклучен за корисниците на маус и тастатура. Доколку корисникот сака ќе може повторно да го вклучи и да го користи, но заедно со враќањето на Start менито претставено на Build конференцијата корисниците кои што не сакаат, веќе нема да мора да го користат, па дури ни го видат Start екранот. Исто така во наредната верзија од Windows најавуваат нови можности за Snap функцијата, односно поставувањето на неколку модерни апликации на делови од екранот и користење во исто време, можност за користење на модерните апликации во посебен прозор во десктоп околината, како и изменет кориснички интерфејс.
До слични информации неколку пати доаѓа и Mary Joe Foley од порталот ZDNet, чии што извори овој пат кажуваат дека бета верзија за корисниците ќе биде достапна од оваа есен. За оваа есен се очекува и последната надградба на Windows 8.1 со Update 2 надградбата, која што после тргањето на можноста за вклучување на новото Start мени, треба да вклучува само одредени подобрувања на перформансите, исправка на багови и слични твикови.
Со цел да ги придобие корисниците, некои од информациите говорат дека Windows 9 или како и да биде името на наредната верзија од оперативниот систем, ќе биде овозможена како бесплатна надградба за корисниците на Windows 8.1 со најновата надградба, како и за корисниците на Windows 7 Sp1.