Nova Launcher е апликацијата број 1 за корисниците кои бараат промена на изгледот на корисничкиот интерфејс на телефонот, најчесто кон поедноставно Android искуство. Со текот на годините потребата од вакви апликации се намали, поради фактот што производителите се „опаметија“, па ги поедноставија своите верзии од Android, но и поради ограничувањата кои ги воведе Google за ваквите апликации.
Покрај ова, дека иднината на Nova Launcher не е баш сигурна стана јасно пред две години кога апликацијата беше продадена на Branch Metrics, нешто што најчесто води кон пад на развојот.
Сега од компанијата, во процес на отпуштање на голем број на вработени, ги отпуштија и сите вработени кои работеа на развојот на Nova Launcher. Единствено остана основачот на апликацијата, кој е и оригиналниот програмер.
Од компанијата негираат дека прекинува развојот на апликацијата, па дури се најавува верзијата 8.1. Сепак, истата нема да ги има сите новини кои се очекуваа, а со еден програмер тоа и не изненадува.
Nova Launcher веќе не овозможува поддршка, а може да се очекува и дека развојот ќе продолжи во многу побавно темпо и со помалку новини.
Јас пак би додал дека е добро што во денешно време веќе и нема потреба од ваквите апликации, па корисниците не би требало да бидат до толку погодени од ова, а секогаш можат да изберат некоја од конкурентните апликации ако не сакаат да го користат телефонот со оригиналниот кориснички интерфејс.