Во текот на вчерашниот ден, астрономите од US National Science Foundation и соработката преку Event Horizon Telescope, ја објавија првата слика од досега претпоставуваната црна дупка во центарот на нашата галаксија, Млечниот Пат.

Со успешното „сликање“ на црната дупка се докажува нејзиното постоење и се овозможува дополнително проучување на овие вселенски тела за кои се верува дека ги има во центарот на секоја галаксија.

Името на црната дупка во центарот на нашата галаксија е „Sagittarius A*“ и е втората слика од црна дупка која е направена. Првата слика беше направена во 2019 година од M87 црната дупка која се наоѓа во центарот на Messier 87 галаксијата.

Иако овие две црни дупки може да изгледаат слично, поради гасот кој испушта светлина околу црната дупка, тие се сепак доста различни. „Нашата“ црна дупка е 1000 пати помала од M87, но тоа сепак не значи дека се работи за мал објект, па дупката е 4 милиони пати помасивна од Сонцето.

Sagittarius A* е оддалечена од Земјата околу 27.000 светлосни години, а досега астрономите имаат набљудувано ѕвезди кои орбитираат околу нешто невидливо и масивно во центарот на Млечниот Пат. Сликата од црната дупка е огромен успех кој не само што ги потврдува теориите, туку ќе овозможи подобро разбирање на овие вселенски објекти.

„Ние сме вчудоневидени од тоа колку добро големината на прстенот се сложува со предвидувањата од Општата теорија на релативноста на Ајнштајн. Овие досега невидени набљудувања во голема мерка ги подобрува сфаќањата за тоа што се случува во самиот центар на нашата галаксија и отвора нови сознанија за тоа како овие џиновски црни дупки имаат интеракција со околината.“ – истакна Џефри Боуер, проектен научник на Event Horizon телескопот од Институтот за Астрономија и Астрофизика, Академија Синика, Тајпеј.

Откривањето на црната дупка во нашата галаксија е нешто што потешко се има направено поради помалата големина. Ако M87 црната дупка има гас кој орбитира околу неа со денови, па дури и недели, гасот кај Sagittarius A* орбитира само неколку минути.

Сликата која сега можеме да ја видиме е направена преку развој на нови алатки и е „просек“ од различните слики кои биле направени во периодот на набљудување.

Податоците кои се потребни за оваа слика се собрани во 2017 година. Event Horizon телескопот кој е користен функционира како комбинација на повеќе радио телескопи низ Земјата, со што се добива еден голем телескоп „колку што е целата Земја“.

ИЗВОРNSF
ИЗВОР 2National Geographic
Претходна статијаПристигнуваат нови филмови на Pickbox NOW
Следна статијаЕлон Маск го става договорот за купување на Twitter во мирување
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.