Како што најавија минатата недела, Motorola го претстави својот прв после подолго време смартфон од високата класа, Edge+. Според карактеристиките, но и цената, овој телефон е замислен да им конкурира на најдобрите на пазарот моментално, а не интересира каква ќе биде реакцијата на купувачите во периодот што следи.

Motorola Edge+ доаѓа со 6,7 инчен екран направен во AMOLED технологија и резолуција од 2.340 на 1.080 пиксели. Ова е сепак помала резолуција од повеќето конкуренти од класата, но сепак е доволно голема за корисниците да не можат да забележат разлика.

Екранот исто така доаѓа со стапка на освежување од 90 Hz, што не е на ниво како 120 Hz кај Samsung Galaxy S20, но сепак е повеќе од повеќето други телефони. Тоа значи дека корисниците може да очекуваат побрзи анимации и реакција на екранот при користење.

Покрај ова, екранот доаѓа со HDR10+ поддршка, нешто што во ова време на се повеќе гледање видео содржина преку мобилните, е нешто што може да се каже дека мора да го има.

Главната карактеристика на екранот е сепак неговата заобленост од страните, а и самото име на телефонот укажува на тоа. Заобленоста е доста голема и од Motorola се решија да вратат карактеристика која порано ја користеа, а сега ја намалуваат, од Samsung.

Заобленоста од страните е 90 степени, што значи дека скоро целата страна од телефонот е екран, а тука се и функциите кои доаѓаат со оваа поставеност. Корисниците ќе може да користат одредени гестикулации од страните, а ќе им бидат прикажувани и информации за батеријата и известувањата.

На горната и долната страна рамките се доста мали, како што е и трендот кај новите телефони, а предната камера е поставена во мала дупка на левата страна од екранот. Батеријата кај Edge+ е со капацитет од 5.000 mAh.

Motorola Edge+ работи на Snapdragon 865 и има 12 GB RAM меморија, како и поддршка за 5G мрежите и Wi-Fi 6. Од Motorola посебно ја истакнуваат поддршката за 5G како и компонентите во телефонот кои се доволно брзи да ја поднесат брзината која доаѓа со овие мрежи.

На задната страна се поставени три камери од кои едната со 108 мегапиксели. Оваа камера има можност да ги комбинира пикселите за подобри слики во темни услови. Другите две камери доаѓаат со 8 мегапиксели кај камерата за зумирање, како и 16 мегапиксели кај камерата за ултра широк агол на сликите.

Од Motorola посебно го истакнуваат квалитетот на звукот од звучниците за време кога корисниците се повеќе гледаат видео содржина преку нивните мобилни телефони.

Покрај овој телефон, Motorola го претстави и Motorola Edge кој е во нешто пониска класа, а со тоа ќе дојде и со пониска цена, која кај посилниот модел се најавува дека ќе биде 1.000 долари.

Motorola Edge работи на Snapdragon 765 чипот, има иста големина на екранот, како и поддршка за 5G. Камерите се со 64, 16 и 8 мегапиксели, а батеријата со капацитет од 4.500 mAh.

https://youtu.be/OXLpjLxh_Tw
ИЗВОРMotorola
Претходна статијаЗачекорете во магијата на дигиталниот свет со вашите деца
Следна статијаСо измени на Законот за јавни претпријатија до поквалитетни јавни услуги
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.