windows-10

По забуната која што настана изминатиот викенд по објавувањето на блог статијата од страна на Gabe Aul, тој вчера излезе со објаснување кое што конечно треба да им стави крај на претпоставките кој се ќе може да го добие Windows 10 бесплатно.

Објаснувањето може да се каже дека е очекувано. Истото го дообјаснува делот кој што ја направи забуната, односно што е тоа што ќе им следува на корисниците кои што моментално го тестираат најновиот оперативен систем од компанијата.

Дефинитивно, кој ќе може да добие бесплатна надградба на Windows 10 ?

Краткиот одговор е – корисниците на лиценциран Windows 7 SP1 или Windows 8.1 оперативен систем. Ова покрај тоа што важи за овие корисници на денот кога ќе стане достапна финалната верзија од Windows 10, односно 29-ти Јули, важи и за корисниците кои што веќе го користат оперативниот систем во неговата тест верзија.

Она што е важното во овој дел е дека корисниците кои што користат тест верзија од Windows 10, меѓутоа истата ја инсталирале како надградба на лиценциран Windows 7 или понов, по инсталирањето на финалната верзија ќе останат лиценцирани. Доколку тоа не е случајот, ќе треба да се вратите на вашата оригинална верзија од Windows или да купите лиценца за Windows 10.

На кратко кажано, корисниците кои што користат постара верзија од Windows 7 или пиратска верзија, нема да можат едноставно да ја инсталираат тест верзијата од Windows 10 и после 29-ти Јули истата да стане лиценцирана. Лиценцата следува само за корисниците кои што веќе ја имаат и користат верзија од Windows за која што уште од самиот почеток беше нагласено дека ќе им следува бесплатна надградба.

Во својата блог статија, Gabe Aul надградбата ја објаснува делејќи ја на два дела, односно на два типа на корисници кога се работи за тие кои што ја користат тест верзија од Windows 10, односно делот кој што ја направи забуната изминатиот викенд.

  1. Корисници на Windows 10 Technical Preview кои што сакаат да продолжат да добиваат тест верзии

Како и до сега, по излегувањето на финалната верзија од оперативниот систем, тест корисниците ќе ја добијат истата како и било која од досегашните тест верзии. Лиценцата за Windows 10 ќе остане активна, без разлика на претходниот оперативен систем или поседувањето на лиценца. Овие корисници ќе продолжат и понатаму да добиваат тест верзии и функции, а секоја верзија ќе има рок на траење по излегувањето на нова.

  1. Корисници на Windows 10 Technical Preview кои што не сакаат да продолжат да го тестираат оперативниот систем и сакаат да останат на официјалната верзија по 29-ти Јули

Доколку сте биле корисник на тест верзија од Windows 10, меѓутоа веќе не сакате да добивате тест верзии по излегувањето на финалната, можете да излезете од Windows Insider програмата. Доколку тест верзијата ја имате инсталирано како надградба од лиценцирана верзија од Windows 7 SP1 или Windows 8.1, вашиот Windows 10 ќе остане лиценциран поради фактот што ви следува беспатна надградба.

Меѓутоа, доколку тест верзијата ја имате инсталирано како надградба од Windows XP, Windows Vista или како чиста инсталација за која немате лиценца, од вас ќе биде побарано да се вратите на вашиот претходен оперативен систем или да платите лиценца за Windows 10.

Ова конечно треба да стави крај на претпоставките и забуните околу тоа кој се ќе може да добие бесплатен Windows 10, а посебно за пиратските корисници.

Со други зборови, сепак можете да добиете бесплатна верзија од Windows 10 како претходен корисник на пиратска верзија, со инсталирање на Windows 10 тест верзија од почеток, меѓутоа ќе треба да користите оперативен систем кој што ќе продолжи да добива тест верзии кои што можат да бидат полни со багови.

Се разбира, никогаш не се исклучува можноста за достапност на одреден „крак“ за оние корисници кои што немаат лиценца и не планираат да ја купат.

Извор: Microsoft

Претходна статијаSamsung SafetyTruck – интересен концепт за подобрување на безбедноста на патиштата
Следна статијаOnePlus 2 ќе доаѓа со USB Type-C порта
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.