Интересно е да се гледа како напредува технологија, па одредени работи што порано ги имаме гледано во научно фантастичните серии, како Start Trek, денес полека почнуваат да стануваат реалност. Во овој случај се работи за познатиот преведувач од Star Trek кој што во вистинско време го преведува разговорот, па луѓето немаат проблем да разговараат на било која планета. Се разбира технологијата е далеку од развивање на исти уреди, меѓутоа дефинитивно може да се каже дека денес ги гледаме почетоците на тие технологии.
На Code Conference организирана од страна на Re/Code која што се одржува во Калифорнија, Microsoft претстави тест верзија од додаток за Skype кој што го преведува разговорот помеѓу два различни јазика веднаш по кажаната реченица од едната страна. Оваа технологија од компанијата ја развиваат повеќе години и дури сега стигаат до фазата кога може да го најават претставувањето на бета верзија од додатокот до крајот на оваа година. На почетокот додатокот ќе биде достапен само за корисниците на Skype на Windows, но се најавува проширување на достапноста и на другите платформи, како и со нови јазици со тек на време.
Технологијата е развивана од страна на тимовите на Skype и Microsoft Research. Истата подразбира проучување на начинот на кој што корисниците разговараат, па тука очекувано ќе има одредени грижи и забелешки за приватноста на корисниците. Како и да е, технологијата изгледа навистина интересно и сигурно ќе биде корисна за деловните разговори или можеби за студентите од разни земји.
Во продолжение можете да погледнете две видеа на кои што е претставен моментално наречениот Skype Translator.