По неофицијалната најава, како што обично и се случува, Microsoft ја претстави прилагодената верзија од Windows 11, наменета за послабите уреди кои би се продавале ексклузивно кај образовните институции.

Windows 11 SE е името на оваа верзија од Windows 11 и ќе работи на исто така ново претставениот Surface Laptop SE. Покрај овој лаптоп, од Microsoft најавија дека може да се очекуваат лаптопи кои ќе работат на Windows 11 SE од Acer, ASUS, Dell, Dynabook, Fujitsu, HP, JP-IK и Lenovo.

Оваа верзија од Windows 11 и новиот Surface Laptop SE, кратко може да се опишат како конкуренција на многу популарните Chromebook лаптопи кои се користат во образовниот сектор и работат на лесниот Chrome OS од Google.

Се поставува прашањето дали Microsoft ќе успее да му земе на Google доволно од пазарот со оглед на тоа што ова е можеби нивниот трети обид, кој ако не друго, барем сега изгледа дека е конечно направен како што треба.

Windows 11 SE

Windows 11 SE, за разлика од ваквите верзии на претходните верзии од Windows, е направен целосно на основа на Windows 11. Тоа значи дека за да може системот да функционира добро на послабите лаптопи, направени се одредени оптимизации и во главно исклучувања на одредени функции кои би трошеле ресурси.

Тоа значи дека Windows 11 SE овозможува поставување само на две апликации една до друга, наместо четири, истите може да работата само во „maximized“ форма, а исто така се нема пристап до Microsoft Store.

Исто така, Windows 11 SE е систем кој ќе дојде со инсталирани Microsoft Office апликации, а дали ти ќе може да се користат офлајн ќе зависи од тоа дали се има лиценца. Се што се работи на компјутерот е зачувано во облакот, односно на OneDrive, а секако истото се прави кога е достапна интернет конекција, а дотогаш се функционира локално.

Windows 11 SE е замислен да биде едноставен за администраторите кои би требало едноставно да можат да креираат корисници, да го надградуваат системот тивко во позадина и слично.

Surface Laptop SE

Овој нов лаптоп од одличната Surface серија на Microsoft нема да им биде достапен на сите корисници. Истиот ќе може да се нарача само од страна на образовните институции, а ќе има цена од околу 250 долари.

Со оглед на цената на лаптопот, не може да се очекуваат нешто посебно добри карактеристики, а затоа е тука и оптимизираниот Windows 11 SE за да овозможи сепак добра работа на уредот.

Surface Laptop SE доаѓа со 11,6 инчен екран направен во TFT технологија со резолуција од 1366 на 768 пиксели. Работи со Intel Celeron N4020 и N4120, а исто така има избор од 4 и 8GB DDR4 RAM. Просторот за податоците е eMMC и може да се избере од 64 и 128 GB.

Проширување на просторот не е можно, достапна е камера со 1 мегапиксел за видео повици, а тука се и неколку порти за поврзување.

Во основа, се работи за уред каков што би се очекувал со оглед на цената, а и со оглед на обидот за конкуренција на Chromebook уредите.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статија„50 години македонски анимиран филм“ во МКЦ од 10 до 22 ноември
Следна статијаProject Relate е нова апликација од Google која треба да им помогне на лицата со пречки во говорот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.