Google официјално го закажа нивниот Made by Google настан, кој обично до пред некоја година се одржуваше околу октомври. Исто како и минатата година, од компанијата ќе го одржат настанот во летниот период, па настанот ќе се одржи на 20 август со почеток во 19:00 часот по македонско време.
Во самата покана за настанот од компанијата истакнуваат дека ќе бидат претставени најновите Pixel уреди, а тука нема ништо посебно откриено, знаеме што од компанијата претставуваат во овој период од годината.
На Made by Google на 20 август ги очекуваме уредите од Pixel 10 серијата, која покрај „обичните“ смартфони го вклучува и Pixel Fold. Покрај телефоните, Google ќе ги претстави новите генерации од нивните часовници, како и слушалки.
Дали е можно уште нешто да биде претставено, ќе видиме, а се истакнува можноста за претставување на Pixelsnap, Android верзијата од одличната MagSafe функција достапна кај iPhone.
Настанот како и секогаш ќе може да се следи во живо преку YouTube, а секако и ние ќе ги објавиме најважните информации од истиот.