Apple поднесе тужба против познатиот Џон Просер, како и против Мајкл Рамациоти. Тужбата е поднесена за нелегално присвојување и злоупотреба на трговски тајни, односно за предвременото објавување на редизајнот на iOS 26 и апликациите од компанијата.
Иако имаше најави и од други страни за големиот редизајн, сега познат како Liquid Glass, Просер беше единствениот кој објави и конкретни слики и видеа. За нив беше нагласено дека се изменети поради заштита на изворот, но сепак се покажаа како скоро целосно точни.
Apple во тужбата опишува цел заговор од страна на Просер и Рамациоти. Во основа, познаник на Рамациоти работи во Apple, Етан Липник, а тој има и iPhone со новиот дизајн. Од компанијата веќе го имаат отпуштено Липник за непочитување на правилата на компанијата за заштита на таканаречените продукциски уреди.
Рамациоти бил во станот на Липник, а според кажувањата на Apple тој користел следење на локацијата за да оцени дали Липник подолго време нема да биде дома. Потоа преку дознавање на „паскодот“ од iPhone-от успеал да го отклучи да го види новиот дизајн.
Во FaceTime повик со Просер тој му ги покажува новините кои се направени, од каде тој и ги има ексклузивните информации за неговите видеа.
Џон Просер, кој настапува преку неговиот YouTube канал „fpt.“, излезе со објава на X, преку која тврди дека работите не се одвивале така како што стои во тужбата. Тој тврди дека не е дел од никаква завера и немал никакви лозинки од телефонот, а не бил иформиран што се случува во позадина. Тој само ги добил информациите без да знае за случувањата.