Фото: Apple

Apple вчера го презентираше iOS 18 и може да се каже дека најавите дека ова ќе биде најголема надградба на системот се точни, иако повторно доаѓаат заклучоците дека корисниците добиваат новини кои на Android ги има одамна.

Една од главните новини кај iOS 18 е поголемата слобода за прилагодување на главниот екран. Корисниците на iPhone добиваат нешто што на Android е така уште од самиот почеток, а тоа е можноста иконите да се постават слободно на било која позиција, наместо тие автоматски да се редат една до друга почнувајќи од горната страна на екранот.

Со ова корисниците ќе можат да ги прилагодат иконите зависно од позадината која ја користат, истакнувајќи одредени слики подобро.

Втората можност поврзана со иконите е можноста за промена на нивната боја. Две новини се добиваат на овој план. Едната е вклучување на темна тема за иконите која изгледа одлично, а втората е избор на боја од страна на корисниците. Овие промени се применуваат и на поставените „виџети“ на екранот.

Уште една гласина која се оствари е промена кај контролниот центар кој сепак не е редизајниран, туку добива реорганизација и дополнителни можности. Овој дел од iOS сега е поделен на повеќе делови, па корисниците можат да имаат повеќе контроли за различни потреби, без тие да го преполнат „центарот“.

На ова треба да се додаде и новиот начин на бирање на што стои во контролниот центар, односно новата „галерија“, а можност да додадат свои контроли имаат и другите програмери.

Врзано со оваа новина е и можноста да конечно корисниците можат да изберат кои кратенки ќе стојат на „заклучениот екран“, кои досега беа фиксно одредена на „светлото“ и камерата.

Една од поголемите новини кај iOS 18 е Photos апликацијата која е целосно редизајнирана. Покрај стандардниот преглед на сликите, корисниците сега добиваат повеќе начини како да ги прегледуваат истите, без да мора да ги гледаат сите, а обично се во огромен број.

Сето ова е овозможено од новата вештачка интелигенција која им овозможува на корисниците да ги прегледуваат сликите од изминатите денови, од конкретни луѓе кои сега може да се и неколку и слично.

Корисниците ќе можат да гледаат автоматски креирани фото спомени, а ќе можат да креираат и самите. На ова треба да се додаде и доста подобрената можност за пребарување која сега може да се прави со „природен“ говор и сложени барања.

Messages исто така е на листата на апликации кои добива повеќе новини, а според мене една мала новина е можеби и најкорисна. Пораките сега може да се закаже кога да бидат испратени, нешто што е доста корисно за плаќање на паркинг во Скопје, на пример.

Апликацијата исто така добива нови ефекти на зборовите кои се во пораките, форматирање на текстот, како и можност за избор на многу повеќе реакции наместо тие кои ги имаат додадено од Apple.

Се разбира, тука е и поддршката за RCS протоколот со што корисниците добиваат можност за комуникација со Android корисниците преку овој модерен протокол, наместо преку SMS. Ова секако е за корисниците кои не сакаат да ги користат Messenger, Viber и другите.

Mail апликацијата добива нов начин на организација на пораките кои сега ќе бидат поделени во категории како примарни, трансакции, промоции и слични.

Safari добива нов режим за читање кој ќе ги сумира статиите, а посебно се истакнува новата Highlights функција која ќе дава повеќе информации од страните. Преку неа ќе може да се добие локација доколку е отворена страна од ресторан, да се слушне песна доколку се гледа страна од пејач и слично.

Apple како што говореа гласините претстави и посебна Passwords апликација која ќе го направи пристапот до лозинките зачувани во iCloud Keychain многу полесен и очигледен. Со ова Apple станува конкуренција на Bitwarden, 1Password и сличните, но сепак на крајот тие нудат одредени предности, па сигурен сум дека ќе преживеат.

iOS 18 добива и неколку нови функции за подобра приватност, па корисниците сега ќе можат да изберат до кои контакти ќе имаат пристап апликациите, наместо да се дозволи пристап до сите. Исто така, апликациите кои бараат пристап до уредите на корисникот ќе можат да побараат од корисникот пристап само до конкретен уред, без да мора да добијат пристап до сите.

Во овој контекст една поголема новина е можноста за „криење“ на апликации, па тие да може да се отворат само преку FaceID.

Секако, најголемата новина ја оставив за крајот, а тоа се сите новини кои беа претставени со вештачка интелигенција, односно преку Apple Intelligence функциите за кои може да прочитате тука.

ИЗВОРApple
Претходна статијаApple вчера ја потврди соработката со OpenAI, а Елон Маск ќе ги забрани уредите од Apple во неговите компании поради тоа
Следна статијаmacOS Sequoia е новата верзија од оперативниот систем за Mac компјутерите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.