Фото од (Joenomias) Menno de Jong преку Pixabay

Јасно е дека еден од клучните фактори, ако не е единствениот, во развојот на електричните автомобили и нивното прифаќање е какви се батериите кои се користат, а со тоа и оддалеченоста која можат да ја поминат со едно полнење. 

Може да се каже дека достапните електрични автомобили веќе ја имаат достигнато, а и ја поминуваат границата на „обичните“ автомобили, па главниот проблем останува кај времето потребно за полнење. 

Повеќе компании работат на развој на нови батерии за оваа индустрија кои ќе овозможат поголема километража, побрзо полнење, како и подолг век на траење. 

Samsung минатата година го објавија развојот на батерија во цврста состојба која има поголема густина на складирање на енергијата, која би овозможила поминување на 1.000 километри, полнење за 9 минути и век на траење од 20 години. 

Huawei оди чекор понапред, па ако карактеристиките на батеријата од нивниот патент ги видиме некогаш во готов производ, електричните автомобили веќе нема да имаат маана, барем не на овој план. 

Според патент поднесен од компанијата, батеријата која е направена во технологијата за цврста состојба, би овозможила поминување до 3.000 километри со едно полнење, а полнењето би се правело за само 5 минути. 

Полнењето од 5 минути се однесува на полнење од 10 до 80%, што сепак е доволно да се поминат доста километри, посебно кај батерија која може да овозможи вкупно 3.000 километри кога е целосно наполнета. 

Густината на енергија која оваа батерија ја овозможува изнесува од 400 до 500 вати на килограм, нешто што е три пати повеќе од сегашните батерии кои се користат кај автомобилите. 

Од Huawei во технологијата користат сулфид, а опишуваат нов пристап за подобрување на електрохемиската стабилност, додавање на азот во сулфидните електролити со цел да се намалат несаканите реакции на интерфејсот со литиумот — проблем кој долго време претставува пречка за комерцијализацијата на батериите базирани на сулфиди.

Според некои, ваквата батерија сѐ уште може да функционира вака само во лабораториски услови, па се истакнува дека во пракса не би можеле да се постигнат баш сите карактеристики. Тука е и недостатокот на потребните полначи, но сепак се работи за патент, а не за целосно развиен производ. 

Тоа што може да се заклучи од патентот од Huawei е дека не е далеку времето кога електричните автомобили ќе почне да вреди да се користат. Со нив ќе можат да се поминат доста повеќе километри од сегашните автомобили, а полнењето нема да биде проблем и ќе трае скоро исто како дополнување бензин. 

ИЗВОРTechRadar
Претходна статијаGoogle ќе ги претстави наредните Pixel уреди на 20 август
Следна статијаТешко дека првиот iPhone Fold ќе биде доволно добар, ако досегашните информации се точни
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.