Порано од стандардно, исто како и минатата година, Google вчера вечер го одржа нивниот Made by Google настан на кого беше претставена наредната генерација од Pixel телефоните.

Pixel 10 серијата претставува и јубилеј за компанијата, а како дел од истата се дури четири телефони, односно Pixel 10, Pixel 10 Pro, Pixel 10 Pro XL, како и третата генерација од Pixel Fold, Pixel 10 Pro Fold. 

Трите нови Pixel 10 телефони претставуваат мала надградба од минатата година, а тоа е и стандардно кај сите производители. Сепак, овие телефони донесуваат неколку важни новини кои треба да донесат нови функции и кај другите Android телефони. 

Телефоните се скоро исти, но основниот модел се разликува по неколку „послаби“ карактеристики, очекувано. Тоа што доаѓа исто кај сите е чипот, а оваа година Pixel 10 телефоните работат на Tensor G5 кој е направен за првпат во TSMC, што би требало во пракса да значи подобри перформанси и помало загревање. 

Фото: Google

Pixel 10 доаѓа со 6,3 инчен Actua екран со резолуција од 2424 на 1080 пиксели и нивна густина од 442 пиксели на инч. Стапката на освежување е од 60 до 120 херци, светлината е до 2000 нити со HDR, како и до 3000 нити максимална привремена светлина. За заштита на екранот тука е Gorilla Glass Victus 2. 

Pixel 10 Pro доаѓа со исто така 6,3 инчен, но Super Actua екран со резолуција од 2856 на 1280 пиксели и нивна густина од 495 пиксели на инч. Стапката на освежување е од 1 до 120 херци, а светлината до 2200, односно 3300 нити. 

Pixel 10 Pro XL има поголем 6,8 инчен Super Actua екран со резолуција од 2992 на 1344 пиксели и нивна густина од 486 пиксели на инч. Стапката на освежување е од 1 до 120 херци, а осветлувањето до 2200, односно 3300 нити. 

Покрај кај батеријата и меморијата, разлика поголема може да се најде кај камерите, па основниот Pixel 10 доаѓа со 48 мегапиксели главна камера, 13 мегапиксели ултра широка камера, како и 10,8 мегапиксели телефото камера. Предната камера кај овој модел е со 10,5 мегапиксели. 

Pro моделите доаѓаат со подобри камери, па главната е со 50 мегапиксели, ултра широката е со 48 мегапиксели, како и телефото камерата. Предната камера кај овие модели е со 42 мегапиксели. 

Тоа што привлекува посебно внимание, покрај префрлувањето на производството на Tensor чипот од Samsung во TSMC, е претставувањето на Pixelsnap функцијата. Со ова во основа Pixel уредите ја добиваат „MagSafe“ функцијата по која се познати одамна iPhone телефоните, а тоа е овозможено со поддршката за Qi2 стандардот. Корисниците дури можат да ги користат разните производи од iPhone, како полначи, додатни батерии и слично.

Уште една новина за првпат доаѓа со овие телефони, а тоа е новиот Material 3 Expressive дизајнот на Android кој можам да кажам дека е еден од подобрите претставени досега. 

Секако, не може да е настан од 2025 година, а и од Google, ако едно од главните функции за кои се говори не е Gemini, односно вештачката интелигенција. 

Една од новите функции кои доаѓаат на Pixel уредите е Magic Cue и истата е навистина интересна и корисна, доколку функционира како што треба. Magic Cue во основа преку пристап до податоците од корисникот, може да извади информации за брз одговор во пораките. На пример доколку се разговара во Google Messages за некои слики, апликацијата веднаш ќе даде предлог да се испратат тие слики. 

Уште покорисно, доколку корисникот се јавува во авиокомпанијата преку која има лет, на пример, додека се воспоставува повикот на екранот ќе бидат прикажани информациите за летот. 

Како и секогаш, одличен начин да се дознае нешто повеќе за новите уреди е преку видеата од Marques Brownlee и Mrwhostheboss, а двете видеа се во продолжение. 

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаПријави се до 29 август и добиј маица во стартниот пакет за Виз Ер Скопски маратон 2025
Следна статијаGoogle ја претстави третата генерација од нивниот Pixel Fold со нов механизам за преклопување и отпорност на вода
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.