На својот Google I/O настан, кој минатата година за првпат беше целосно откажан поради пандемијата, а оваа година се одржа во онлајн форма, Google ја претстави бета верзија од Android 12. Ова е стандардниот редослед по кој се претставува нова верзија од оперативниот систем, па во есен може да се очекува финалната верзија која сепак прво ќе ја добијат корисниците на Pixel уредите, а познато е колку се чека од останатите производители, а посебно тие кои прават поголеми промени на системот.

Од тоа што беше презентирано вчера, Android 12 ќе биде можеби најголемата надградба на овој оперативен систем досега. Иако достапни се и одредени заднински промени и функции, сепак главната промена кај Android 12 е корисничкиот интерфејс, а тоа веднаш се забележува по гледање и на првата слика.

Material You е името на новиот дизајн кој донесува доволно големи промени да корисниците или навистина ќе им се допаѓа или ќе имаат проблем. Дизајнот вклучува поголеми копчиња, повеќе истакнати бои кои се менуваат, нови анимации, како и целосно нов систем за „виџети“.

Една од главните новини кај Android 12 е менувањето на боите зависно од избраната слика за позадина. Android сега ќе може да ги избере двете главни бои кои се дел од сликата која ја има избрано корисникот и соодветно да ја промени бојата на оперативниот систем, односно на копчињата, на центарот за известување, контролите за звук, виџетите и слично.

Покрај ова, Android 12 добива целосно нов систем на виџети кој овозможува прилагодување на бојата зависно од делот од позадината каде е поставен.

Android 12 добива и нов дизајн на центарот за известувања, нешто што е случајот секоја година, но оваа може да се каже дека е многу поголема. Помалите и обично тркалезни копчиња за брзо вклучување на Wi-Fi конекцијата, на пример, сега се доста големи копчиња кои зафаќаат половина од ширината на екранот. Со тоа ќе се намали бројот на копчиња кои се поставени, но се добие целосно ново корисничко искуство.

Google посветува и посебно внимание на приватноста кај Android 12, па оваа верзија надоградува каде што застана претходната. Сепак, очекувано, Google не кажа ништо за приватноста поврзана со следењето на корисниците во рекламни цели, но тоа беше и очекувано.

Android 12 става посебно внимание на пристапот до камерата, микрофонот и локацијата на корисниците. Покрај тоа што сега во горниот десен агол ќе има посебен дел кој ќе покажува дали микрофонот и камерата се користат од некоја апликација, пристапот до нив ќе може целосно да се исклучи за сите апликации, а копчињата за истото се дел од новиот центар за известувања.

Google воведува и нов Privacy dashboard каде ќе може да се види колку пати апликациите имале пристап до овие три делови од системот.

Во Android 11 беше воведена можноста да се даде еднократен пристап до локацијата, како и пристап до истата само кога апликацијата е вклучена. Во Android 12 ова се дополнува со изборот дали пристапот до локацијата ќе биде прецизен или приближен. Како пример се даваат апликациите за временска прогноза за чија работа е доволна приближната локација, но не ни прецизната.

Кога е во прашање приватноста и безбедноста, Android 12 ќе овозможи изолирано функционирање на вештачката интелигенција без пристап до интернет конекцијата и слично.

Во продолжение можете да го погледнете одличното видео од The Verge каде тие ги презентираат и тестираат сите новини достапни до вчера.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаОфицијално пуштена Windows 10 May 2021 надградбата
Следна статијаМакпетрол Инфо Поинт: Што значат симболите, што ни кажува возилото?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.